X
 13.12.2018 Живот

Подгответе се за најинтензивниот метеорски дожд - Геминиди

Метеорскиот дожд Геминиди ќе биде најинтензивен утрата на 13 и 14 декември - но ако погледнете на небото во кое било време до 17 декември, под услов небото да биде чисто, ќе можете да видите метеор на Геминиди.

Метеорскиот дожд Геминиди е невообичаен бидејќи е еден од двата метеорски дожда за кои е потврдено дека се предизвикани од астероид (повеќето метеорски дождови се предизвикани од комети).

Земјата поминува низ остатоците од облакот расфрлани од астероидот наречен „3200 Паетон“ во декември секоја година. Огнената глетка е предизвикана како што остатоците испаруваат од атмосферата на Земјата, а кои патувале низ Сончевиот Систем во период од 4,6 милијарди години.

 метеор
Фото: Shutterstock


Геминидите произведуваат 120 или повеќе метеори на час, кои патуваат околу 35 километри во секунда и често се со светла боја.

Боите укажуваат на главниот хемиски состав на тој метеор. Портокаловата боја означува натриум, жолтата означува железо, сино-зелената означува магнезиум и виолетовата означува калциум. Ако метеорот се појави во црвена боја, тоа се азот и кислородни атоми во атмосферата што сјаат затоа што се супер загреани од вселенската прашина.



За астероидот


„3200 Паетон“ има дива ексцентрична орбита и е сосема различен од многу други астероиди. Во најоддалечениот дел од центарот на Сончевиот Систем овој астероид влегува во астероидниот појас меѓу орбитите на Марс и Јупитер, околу 360 милиони километри од Сонцето. Долг е 5,8 километри и ја преминува орбитата на Земјата, така што се класифицира како близок објект на Земјата. Но, мала е веројатноста некогаш да ја погоди Земјата: следното најблиско доближување нема да биде сѐ до 2093 година, на растојание речиси осум пати подалеку од Месечината.

По 2093 година, ако нѐ погоди, би предизвикал значителна штета, но нема да предизвика уништување на Земјата. Се проценува дека астероидот што го предизвикал изумирањето на диносаурусите бил долг од 10 до 15 километри.

Набљудување


Метеорите најдобро се набљудуваат на темна локација со јасен поглед на небото - двор или локален парк, или уште подобро во село. Вреди да останете да ги набљудувате барем еден час за да ги зголемите шансите да забележите еден.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот