X
 14.02.2019 Технологија

Измислени паметни ракавици што го претвораат знаковниот јазик во говор

Повеќе од 30 милиони луѓе низ целиот свет имаат оштетување на говорот и се соочуваат со тешкотии кога станува збор за комуникација со луѓе што не го знаат знаковниот јазик.

Рој Алела, млад и амбициозен 25-годишен технолошки ентузијаст од Кенија, го препознал овој проблем. Тој во моментов работи во „Интел“ и е ментор за наука за податоци на Универзитетот „Оксфорд“, а создал паметни ракавици што ги претвораат движењата на знаковниот јазик во аудиоговор.


Фото: African Curators


Рој има шестгодишна внука која била родена глува и има тешкотии во комуникацијата со нејзиното семејство бидејќи никој не го знае знаковниот јазик. Поради тоа, Рој бил инспириран да создаде алатка што би ја олеснила комуникацијата. Паметните ракавици се наречени „Сајн-ај-о“ и имаат флексибилни сензори на секој прст. Ракавиците се поврзани со апликација преку блутут, што потоа ги вокализира буквите.

- Мојата внука ги носи ракавиците, ги поврзува со нејзиниот телефон или мојот и јас можам да разберам што ми кажува - вели Рој. Тој додава дека таа е многу добра во читање од усни, па затоа нема проблем да го разбере кога ѝ зборува.

Младиот иноватор ги претставил ракавиците во училиште за посебни потреби во рурална област во Југозападна Кенија. Повратните информации од корисниците помогнале да се открие кој дел од алатката треба да се подобри.


Фото: African Curators


- Луѓето зборуваат со различна брзина, а ова важи и за луѓето што користат знаковен јазик, па затоа интегриравме мобилна апликација што му овозможува секому да му биде пријатно додека ја користи - вели Рој.

Неговите паметни ракавици неодамна освоија награда од американското општество за механички инженери, а добиените пари тој ги искористи за да ја подобри апликацијата и да спроведе поточни вокални предвидувања.

Рој се надева дека ќе му успее замислата секое училиште за посебни потреби во Кенија да има по два пара ракавици. Тој верува дека овие ракавици би можеле да им помогнат на милион деца низ светот што имаат нарушување на слухот и говорот.

-Се обидувам да замислам каков би бил животот на мојата внука ако ги има истите можности како и сите други во образованието, вработувањето и другите аспекти на животот. Јавноста во Кенија не го разбира знаковниот јазик, па кога излегува, секогаш треба да има човек до неа кој ќе преведува. Замислете колку оваа зависност го нарушува нејзиниот напредок во животот. Затоа навистина се трудев да го развијам овој проект - вели Рој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија