X
 14.04.2021 Здравје

Ограничувањето на цената за ковид-пациенти до 5.000 евра во приватни болници помина на Влада. Се чека амин од Собранието

Со предложените измени се уредува и начинот на вршење на здравствената дејност во приватните здравствени установи во кризна состојба

Владата на вчерашната седница ги утврдила измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита со кои, меѓу другото, Министерството за здравство добива дополнителни овластувања во услови на кризна состојба прогласена заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест. Од Владата информираат дека со предложените измени се уредува и начинот на вршење на здравствената дејност од страна на приватните здравствени установи при утврдено постоење на кризна состојба заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест, а на Владата ѝ се овозможува законско овластување да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од страна на Фондот за здравствено осигурување за да се овозможи овие услуги да бидат еднакво економски достапни за сите граѓани, со што ќе се заштитат јавното здравје и економските интереси на сите граѓани.

- Со предложените законски измени е предвидено и користење на ресурсите на приватните болници доколку условите го наложуваат тоа согласно состојбата предизвикана од пандемијата во име на заштита на јавното здравје и се забранува преземањето на здравствените работници од јавното здравство од страна на приватните здравствени компании – информира владината прес-служба.

Измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита ќе бидат испратени на усвојување во Собранието по скратена постапка, а во нив се предвидени и измени во делот на глобите за прекршоци доколку приватните здравствени установи не постапуваат согласно законските одредби.

На предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, на вчерашната седница Владата ја утврдила Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на нашата територија, со која се предлага Собранието да одобри продолжување на рокот за постоење на кризна состојба до 31 декември 2021 година и донесе заклучок оваа предлог-одлука да ја достави до Собранието.
Инаку, вчера министерот за здравство Венко Филипче истакна дека со законските измени се предлага дијагностицирање и лекување на ковид-пациенти да се движи од 40.000 до 305.000 денари.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје