X
 14.05.2019 Живот

Како би изгледало некое девојче да имало „Инстаграм“ за време на холокаустот?

Како би изгледало некое девојче да имало „Инстаграм“ за време на холокаустот? На тоа прашање се обидуваат да одговорат основачите на профил кој неодамна се појави на оваа социјална мрежа под името „Eva Stories“. Профилот е направен од страна на израелскиот милијардер Мати Кочави и неговата ќерка Маја, и тоа со една цел - приближување на приказната за холокаустот поблиску до младите преку социјалните мрежи опишувајќи ја судбината на Ева Хејман.

Ева Хејман е еврејско девојче кое сонувало да биде фоторепортер и почнало да пишува дневник на својот роденден, 13 февруари 1944. Во интервју за „Њујорк тајмс“ Кочави и неговата ќерка велат дека прочитале десетици дневници напишани од страна на тинејџери за време на холокаустот пред да ја изберат приказната на Ева Хејман, која на 13-годишна возраст била убиена во Аушвиц.

На „Инстаграм“ беше објавено видео во кое е објаснета приказната, а таа ден по ден се објавува во стори како дневник.

- Ова сум јас. Сега е 1944 година, нацистите го освоија поголемиот дел од Европа, им прават ужасни нешта на Евреите, но нас сè уште нè немаат освоено - вели девојчето со виткана коса, кое во снимките ја глуми Ева.

Таа зборува на англиски, а преводот е на хебрејски јазик.

View this post on Instagram

Eva.Stories Official Trailer

A post shared by Eva (@eva.stories) on


Во реалноста, како што делумно опишала во дневникот, Ева била депортирана четири месеци по роденденот, а убиена е во октомври 1944. Нејзината мајка преживеала и подоцна го објавила дневникот на ќерка си.

Откако бил направен, профилот на „Инстаграм“ за само 24 часа добил милион следбеници, а проектот е вреден неколку милиони долари и на него работат дури 400 лица. Исто така, премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, ја поддржа приказната и на „Твитер“ ги повика луѓето да го заследат профилот.

Сепак, некои Израелци го критикуваа проектот истакнувајќи дека снимките не ги покажуваат вистинските ужаси од Втората светска војна, кога нацистите и нивните сојузници убиле шест милиони Евреи, а меѓу нив и 1,5 милион деца. Кочави, пак, рече дека е важно подигнувањето на свеста и дека на „Инстаграм“ приказните баш и не можат да се раскажат толку длабоко, но можат да ги поттикнат другите сами да истражат подетално.

Како што „Дневникот на Ана Франк“ го приближи искуството на Евреите во Европа за време на Втората светска војна до читателите, по објавувањето во 1947 година, така и оваа приказна може да го постигне истиот успех, но преку друг канал.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот