Социјалните мрежи не ги променија самите места, туку се поиграа со нашите очекувања и со нашиот ум, така што од вистинските места почнавме да го очекуваме нереалното.
„Инстаграм“ против реалноста
За помалку од две децении социјалните мрежи го променија нашиот живот во секој негов сегмент. Социјалниот аспект поради кој првично се појавија брзо прерасна во нешто натсоцијално и исклучително лично, затоа што продре во секој порив на нашето секојдневие, од политика и економија до туризам, од најбаналните до најинтимните детали, до она што го посакуваме, се надеваме и очекуваме. Од себе и од светот.
Совршени слики, несовршен живот
Социјалните мрежи прикажуваат совршени лица, невозможни тела, животи подобри од нашите, свет за кој сите знаеме дека не постои, но сепак толку многу го посакуваме што веќе не ни е важно што не е вистински. Токму тој свет длабоко го промени начинот на кој се однесуваме кон себе, кон другите, кон природата и кон реалноста воопшто. Затоа што сè изгледа подобро кога ќе „помине“ низ филтрите.
Иако е сосема разбирливо што приватните фотографии на обични луѓе многу брзо станаа поефикасно маркетиншко средство од здодевните туристички брошури затоа што им верувавме повеќе, изгледаа поискрено, пореално и поблиско, тешко е да се поверува колку брзо и колку длабоко влијаеја врз нас и нашиот вистински свет.
Веќе не требаше да го откриваме светот затоа што добивме повеќе од патоказ. Добивме прецизна точка која „мора“ да се посети, поглед кон кој треба да копнееме, фотографија од нашата подобра верзија, токму на тоа место. Локациите, природните убавини и градовите станаа вирални пејзажи.
Instagram vs. Reality
byu/gordonwelty infunny
Преполни улици, разочарувачка реалност
Судирајќи се со идеализираниот виртуелен свет, неговите (вистински) делови стануваат пренатрупани со туристи и отпадоци. Низ улиците на виртуелно прегламурозни места веќе тешко се поминува, а жителите што таму живееле со генерации почнуваат да бегаат. Додека во реалниот свет се воведуваат влезници за да се намали метежот и се одржуваат протести против туристите, во виртуелниот свет веќе неколку години почнува да се разоткрива митот што токму тој го создаде.
„Инстаграм“ наспроти реалноста
Се појави форма „Инстаграм наспроти реалноста“ што нè потсетува дека виртуелното совршенство е резултат на агол, време од денот, сезона, и најчесто еден куп филтри. Нè потсетува дека постојат облаци, сообраќај, отпад, стаорци, локални жители и други туристи кои дошле да го видат истото што и ние. И воопшто, дека постои секојдневие кое, чудо едно, не е совршено.
Местата што станаа светски популарни во дигиталниот свет станаа познати поради својата убавина и вредност. Но социјалните мрежи не ги променија самите места, туку си поиграа со нашите очекувања и нашата перцепција така што од вистинските места почнавме да очекуваме нешто нереално. А уште полошо, кога ќе се соочиме со реалноста, често се разочаруваме.
Нема ништо лошо во тоа што сакаме да го посетиме Санторини, да седнеме на веројатно најпознатиот камен во светот, Тролтунга во Норвешка, да појадуваме со поглед на небото полно со балони во Кападокија, да ја видиме кулата во Пиза или магичната убавина на Плитвичките Езера.
Но вистинското чувство на слобода и восхит, и во природата и во урбаните пејзажи, ќе го почувствуваме дури кога ќе ги отфрлиме нереалните очекувања и кога ќе ја препознаеме убавината и кога денот е дождлив или гледајќи преку нечие туѓо рамо. Треба да му дозволиме и на светот, но и себеси да бидеме несовршени. Затоа што токму во тоа е убавината.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Screenshot/Reddit