Американскиот стартап СПАН, во соработка со „Нвидија“, планира да инсталира мини дата-центри во нови куќи, нудејќи им на станарите драстично пониски или дури и бесплатни режиски трошоци. Дали е ова иднината на ВИ-инфраструктурата или ризичен експеримент?
Дата-центрите, кои се бучни, огромни и голтаат струја, наскоро би можеле да станат дел од вашето соседство – и тоа како инсталација прицврстена на надворешниот ѕид од куќите. За возврат, сопствениците на куќите би добиле субвенционирана електрична енергија, пристап до интернет и резервни батерии. Компанијата што стои зад овој план, стартапот СПАН од Сан Франциско, веќе започна пилот-тестирања како подготовка за пробен период на сто куќи во текот на оваа година, а нивниот проект би можел да го промени начинот на кој размислуваме за инфраструктурата за вештачка интелигенција.
Идејата настана како одговор на експоненцијалниот раст на побарувачката за компјутерска моќ што ја бара вештачката интелигенција (ВИ). Наместо изградба на централизирани постројки, СПАН во партнерство со„Нвидија“ и еден од најголемите американски градители на куќи, „Пулти-груп“, предлага дистрибуирана мрежа. Со користење на вишокот енергетски капацитет во американските домаќинства, СПАН сака брзо да ја прошири достапната компјутерска моќ без трошоците и доцнењата поврзани со изградбата на дата-центри со големина на складишта.
Решението, кое СПАН го нарекува „дистрибуиран дата-центар“, подразбира поставување на илјадници таканаречени XFRA-јазли. Секој јазол е всушност мал, дата-центар сместен во дискретно куќиште на надворешниот ѕид од куќата. Во него се наоѓа сериозен хардвер: сервери опремени со шеснаесет графички процесори и четири серверски процесори, со поддршка од дури 3 терабајти меморија. Системот користи течно ладење за да работи со минимална бучава.
-Дата-центрите се гласни, грди и често ги зголемуваат сметките за струја. А ова е тивко, дискретно и ја прави енергијата подостапна за домаќинот и за заедницата - вели Крис Ландер, потпретседател во СПАН.
Придобивки и ризици за сопствениците на куќи
Што значи ова за луѓето што ќе одлучат да живеат во куќа со приклучен дата-центар? СПАН би ја презел одговорноста за плаќање на сметките за струја и интернет за секое домаќинство, додека на станарите би им нудел или фиксна или ниска претплата за режиските трошоци.
Системот е дизајниран да користи вишок електричен капацитет, бидејќи повеќето модерни американски куќи имаат сервисен капацитет од 200 ампери, од кои, според Ландер, речиси секогаш се достапни 80 ампери. Во ретки случаи на врвна потрошувачка, системот прво би ја користел куќната батерија. Ако тоа не е доволно, привремено би го намалил оптоварувањето на „некритичните“ потрошувачи, како што е полнењето на електрични возила. Во случај на прекин на струја, сопственикот на куќата добива бесплатно резервно напојување од батеријата.
Сепак, ваквиот модел отвора многу прашања. Ари Песко од Правниот факултет на „Харвард“ предупредува дека комуналните претпријатија би морале да го приспособат управувањето со локалната мрежа. „Ако во еден блок имате неколку куќи со овие уреди кои работат со максимален капацитет, тоа би повлекло огромна количина на енергија на тоа мало подрачје“, рече тој. Најголемата грижа, сепак, е безбедноста.
Бенџамин Ли, инженер од Универзитетот во Пенсилванија, истакнува дека постои ризик од кражби бидејќи само еден дел од дата-центарот може да вреди околу 10 илјади долари.
Дали ќе биде одржливо ова решение, ќе покажат пилот-проектите. Барем додека здруженијата на станари не слушнат за тоа.
Фото: freepik