X
 14.08.2020 Култура

Историска фотографија: Боби Фишер игра шах со 50 противници истовремено

Боби Фишер се смета за еден од најдобрите шахисти досега. Можеби најдобар доказ за тоа е оваа историска фотографија на која тој истовремено игра шах со 50 противници.

Од 50, тој победил во 47 игри, изгубил во една, а 2 игри завршиле нерешено. Фишер, кој тогаш имал 21 година, изгубил од Дон Рогосин, кој не бил многу познат играч. Фишер играл со белите фигури, што е предност во играта бидејќи може да се одбере добар потег на почетокот.


Фото: Rare Historical Photos

Фишер го покажал талентот за шах уште кога бил многу мал. На 13-годишна возраст освоил награда за најдобра игра, а веќе следната година учествувал во првенства низ САД. На 15-годишна возраст Фишер станал најмлад велемајстор и најмлад кандидат за учество на Светското првенство во шах. Кога имал 20 години победил на првенството во САД со совршен резултат.

По многу освоени првенства и награди, тој ја загубил титулата светски шампион во шах во 1961, по што исчезнал од очите на јавноста. Во 1992 повторно се појавил за да игра неофицијален реванш против Борис Спаски, кој се одржал во тогашна Југославија. Фишер победил, но неговата игра предизвикала конфликт со американската влада, која сакала да ја оданочи добивката од натпреварот на Фишер и подоцна издала налог за негово апсење.


Фото: Wikipedia

Потоа тој живеел како емигрант. Во 90-тите години Фишер патентирал систем за мерење на времето во шахот кој сега се користи како стандарден.

Питер Бијасас, шампион кој бил победен од Фишер, еднаш изјавил:

- Тој беше премногу добар. Немаше корист од играњето против него. Не беше интересно. Губев и не ми беше јасно зошто. Не беше поради грешка. Како да бев постојано надигруван, од почетокот. Не му требаше време за да размисли. Најдепресивната работа е тоа што не забележував кога е крајот на играта. Не се сеќавам на крајот од играта. Тој искрено верува дека нема некој што може да игра со него, некој достоен за него. Јас играв со него и можам да го потврдам тоа. Не е интересно.

Извор: rarehistoricalphotos.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура