Самото студирање на Катедрата за балетска педагогија бара многу време, некогаш деновите се прекуси за да се постигне сè, вели Оља
Оља Тошиќ дипломира на Факултетот за музичка уметност, на Катедрата за балетска педагогија, и е една од најдобрите студенти на УКИМ за академската 2024/25 година.
Наградата за најдобар студент за неа претставува заокружување на првиот дел од нејзините студии, потврда дека е на вистинскиот пат и признание кое ѝ дава ветер во грб да продолжи и понатаму да се надградува во професијата што ја одбрала.
- Накусо – огромна чест! - истакнува Оља.
И во основно и во средно училиште имала одличен успех. Но неврзано за оценките, уште од петгодишна возраст почнала да оди на балет и оттогаш се родила нејзината љубов кон професијата.
- Секако, пред сè, како балетски играч, а потоа и како балетски педагог. Неврзано за моето општо основно образование, паралелно го завршив и нижото балетско училиште во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, па кога дојде време за средно, немаше никакви дилеми - балетот беше мојата најголема љубов. И средното образование го продолжив во истото училиште, а студиите на ФМУ. Катедрата за балетска педагогија беше чекорот што го направив свесно, со цел да се дообразовам во областа, па освен како балетски играч, да можам да се впуштам и во образовниот процес – процес низ кој минав и самата, а ме привлече толку многу и ми стана огромен предизвик - ни споделува Оља.
Балетот е една од најубавите уметности
Самото студирање, како продолжение на веќе започнатото стручно образование, уште во средно ѝ било единствениот и најголем предизвик.
- Основите што се добиваат во средното училиште ми беа малку, сè повеќе ме влечеше желбата да откријам и да научам повеќе, да се нурнувам подлабоко и подлабоко во светот на балетот и музиката - уметностите што ме дефинираат, што се дел од мене и од моето секојдневие. Балетот е една од најубавите уметности, за тоа сведоци сме сите кога ќе седнеме во публика да одгледаме некоја претстава. Но балетот е многу повеќе од тоа - тој има своја длабока историја, тој е комплексна уметност, танц кој освен што се вежба, бара и многу проучување, многу упорност и предаденост - изјавува Оља.
Според неа, студирањето на Катедрата за балетска педагогија бара многу време, некогаш деновите се прекуси за да се постигне сè.
- Студиите се комбинација од практични вежби и теоретска настава, сето тоа надградено со многу работилници, мастер-класови, настапи... Така што верувам дека мотивација не му недостига на никој што е запишан на оваа катедра – мотивите, предизвиците и можностите се на секој чекор. Што се однесува до успехот, и тој се наметна сам по себе. Можеби големо влијание имаше тоа што по природа сум човек што сака да ги завршува работите целосно, веднаш, никако половично, никако просечно. Сакам сè да биде одлично иако сум свесна дека тоа не е возможно секогаш и во сè што се прави. Но ете, можеби оттаму оценките на некој начин ми значеа, ми беа еден вид потврда дека одлично сум ја завршила работата, дека сум направила уште еден чекор напред. Иако никогаш не тргнував на испит со помисла на оценката – напротив, одев за да го покажам најдоброто од мене, да го кажам мојот став и согледување за темата што се полагаше, да се преиспитам себеси дали и колку сум совладала од зададеното - вели Оља.
На крајот завршила со просек 9,86 и вели дека тоа е малку помалку од нејзината визија за одлично.
- Остварувањето на успехот некако си чекореше покрај мене додека јас ги нижев деновите на студиите еден по еден, воопшто не размислувајќи за просек, оценки... Едноставно бев фокусирана на себеси, да научам што повеќе, да се обучам и како танчар и како педагог што подобро. Иако студирањето вклучува изучување различни аспекти на балетот, можеби за нијанса најомилена ми беше Историјата на балетот - ни споделува Тошиќ.
Балетската уметност е жива уметност
Таа сега е запишана на втор циклус студии на Балетска педагогија, така што во процес е на подготовка на нејзиниот труд.
- Тоа ми е моментално еден од поголемите предизвици - што подлабоко да навлезам во темата што ја одбрав и секако што поавтентично да ја претставам. Паралелно, вработена сум во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ каде што водам моја класа ученици во нижото балетско училиште, па слободно можам да кажам дека секој ден ми е остварување на сонот – работата со деца и млади кои го откриваат светот на балетот и беспоштедно се трудат да успеат ми е како храна, храна на душата и зачин на емоциите! Балетската уметност е жива уметност, која иако својот корен го има длабоко во минатото и се темели на класичните основи, сепак со секој нов ден таа се збогатува, осовременува, усовршува. Во таа насока се гледам и себеси – како педагог кој неуморно чекори напред со времето и со нескриен апетит им го открива тој свет на учениците. Затоа секогаш велам – промените се раѓаат со секој нов ден, само треба да се следат, да се прифаќаат и да се приспособат и усовршат во рамките на професијата. А јас сум секогаш подготвена за тоа - повлекува Оља.
Иднината за неа е во Македонија.
- Секако дека гледам просперитет во мојата земја, инаку не би била тука. Секое доусовршување и можност за надградба и надвор од границите е добредојдена, особено во врвните светски школи каде што балетската уметност е традиција, но што понатаму, ќе видиме... зависи каде ќе ме води патеката по која моментално чекорам, а нема да скршнам од неа додека не ја изодам до крајот - дополнува нашата соговорничка.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.