X
 18.02.2026 Живот

Милена Николовска е најдобар студент на Институтот за биологија, со просек 9,84: „Во молекуларната биологија лежат одговори за многу заболувања“

Мојата најсилна мотивација е стекнувањето нови знаења, нивното продлабочување и практична примена, вели Милена Николовска

Милена Николовска е најдобар студент на Институтот за биологија при ПМФ. Таа уште од основно образование имала голем интерес и љубов кон биологијата, со желба да го разбере начинот на функционирање на живиот свет. Особено значајна улога во нејзината мотивација имала нејзината наставничка по биологија - Вера Андоновска, со која активно учествувала на натпревари по биологија и хемија организирани од Природно-математичкиот факултет. Уште во основно заедно освоиле многубројни награди на државно ниво. Интересот продолжил и во средното образование, каде што подетално се запознала со молекуларната биологија - наука која ја фасцинирала и е пресудна за нејзината одлука да студира на насоката Молекуларна биологија со генетика на ПМФ.

- Тоа што ме избраа за најдобар тековен студент на Институтот за биологија, за мене претставува признание за вложениот труд, но и силна мотивација и инспирација за понатамошно усовршување. Голема чест и задоволство е да се добие вакво признание, кое потврдува дека посветеноста, истрајноста и љубовта кон науката се препознаени и вреднувани - ни сподели Милена.



Молекуларната биологија е наука во која лежат одговори за многу заболувања


Најголем предизвик во изучувањето на оваа наука ѝ беа обемноста и комплексноста на материјалот, како и краткото време потребно за негово совладување.

- Материјалот бара голема посветеност, трпение и континуиран труд за целосно и темелно разбирање. Она што најмногу ме мотивираше беше сознанието дека стекнатото знаење има реална вредност и практична примена. Молекуларната биологија и генетиката се науки во кои лежат одговори за многу заболувања, подобрување на квалитетот на животот и заштита на животната средина. Мојата најсилна мотивација е стекнувањето нови знаења, нивното продлабочување и практична примена. Во текот на студирањето, од прва до трета година, секоја година бев прогласувана за најдобар тековен студент на Институтот за биологија, а во четврта година дипломирав како најдобар студент на Институтот. Студиите ги завршив со просек 9,84, во период од 3 години, 11 месеци и 11 дена - изјавува Милена.

Остварувањето и одржувањето на успехот не било лесно и барало многу жртви, како намалување на слободното време, дружењата и другите активности.

- Особено значајно искуство ми беше изработката на дипломската работа, која ми овозможи да учествувам во решавање реален проблем поврзан со Преспанскиот Регион – проучување на патогенот Erwinia amylovora, кој предизвикува сериозни штети во овоштарството и бара соодветни методи за контрола. Ова истражување уште еднаш ја истакна практичната важност на биологијата - дополнува Милена.



Демонстратор на Катедрата за општа физиологија и имунологиј
а

Милена е запишана на втор циклус студии на Природно-математичкиот факултет, каде што истовремено е ангажирана како демонстратор во изведување на практичната настава на Катедрата за општа физиологија и имунологија. Ова искуство дополнително го збогати нејзиниот професионален развој. А секако ќе продолжи со својот ангажман да прави промени во нејзиното поле на истражување и дејствување, понатамошно надградување на знаењето и професионален развој, а дали тоа ќе се реализира во Македонија или во странство, ќе зависи од можностите и условите што ќе ѝ се отворат во иднина.



- Во науката од областа на молекуларната биологија и генетика би сакала да се иницираат промени насочени кон зголемување на квалитетот и доверливоста на истражувањата. Исто така, потребна е поголема поддршка за фундаменталните истражувања и зајакнување на научната етика и критичката интерпретација на резултатите - споделува Милена.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот