„Убаво е чувството да се биде меѓу најдобрите студенти“, вели Стефан Лакордов, дипломиран теолог на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, по прогласувањето на најдобрите дипломирани студенти за академската 2023/2024 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
-Многу е убаво чувството да се биде помеѓу најдобрите студенти во Македонија, убаво е од причина што тоа претставува потврда и вреднување на вложениот труд во истражувањето на богословската наука. Исто така, самото признание е доказ за тоа дека има некој кој знае да ги препознае сите жртви што ги имаме направено за да стигнеме до аулата на Ректоратот на УКИМ - вели Лакордов за „Факултети.мк“.
Гените во семејството на Стефан не одиграле улога во желбата за истражување на богословието. Интересот за веронауката произлегол од редовното учество во литургискиот живот на Црквата, честите разговори со парохискиот свештеник, но и со многу други луѓе на православната црква.
Додека студирал, најтежок предизвик му биле испитите по црковно пеење, но со помош на професорите успеал да ги надмине тешкотиите.
-Слободно можам да кажам дека за мене најтежок дел од студирањето беа испитите по црковно пеење поради тоа што до тој момент немав никакво искуство од оваа област, но со посветеноста на професорите заеднички успеавме да ги надминеме овие тешкотии.
Професорите на Православниот богословски факултет постојано беа тука за сите наши потреби, нивниот заслужен авторитет беше стекнат како резултат на нивното уподобување на Христовите зборови: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите и служител на сите!“ (Марко 9,35). Односот студент-професор можам да го опишам, пак, со зборовите на Библијата кои во повеќе случаи ги цитираше мојот ментор, доцент д-р Дарко Анев: „Вие сте ми пријатели...“ (Јован 15, 14) - објаснува Лакордов.
Најголем интерес му пробудиле предметите поврзани со Новиот завет и од тој интерес произлегла и неговата дипломска работа.
-Дефинитивно најголем интерес при студирањето во мене побудија предметите поврзани со Новиот завет, поточно значењето на терминологијата употребена во Евангелијата, за што впрочем го напишав и мојот дипломски труд „Логосот и Новиот завет“ - истакна Стефан, кој во моментов работи во сосема различна област, но сака да се занимава со богословието и да биде во служба на Црквата.
Стефан смета дека теологијата и богословието не се само обична професија, туку збир на сите науки и затоа теологот мора да има големи познавања од сите области.
-Теологијата, богословието и црковната служба во никој случај не би можело да бидат наречени обична професија бидејќи теологијата како наука за Бога претставува збир на сите науки, теологот мора да има познавање од сите области на човековиот живот бидејќи само како таков може да ја постигне целта, а тоа е да му помогне на човекот и на светот и да се доближат до Единствениот Бог - истакна Лакордов.
Стефан смета дека со целосна посветеност може да влијае врз менување на концептот на почитување на верата.
- Со максимално залагање и најнапред со вера во Бога, ние теолозите како најповикани мораме и можеме да го смениме концептот на почитување на верата и да придонесеме за враќање на народот кон верата - додаде најдобриот студент од Православниот богословски факултет во Скопје.