„Си ветив дека максимално ќе се посветам на моето правно образование со цел да можам да му помогнам на секој обесправен“, потенцира Стефан Кофиловски, кој го доби признанието за најдобар студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“ за академската 2023/2024 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
- Да се биде еден од најдобрите студенти во Македонија е привилегија, но носи со себе и одговорност. Од студентите кои се меѓу најдобрите се очекува значаен придонес во државата која ги школувала. За мене, да придонесам за Македонија не е само одговорност, туку и желба - вели Кофиловски.
Интересот за правните науки Стефан го добил уште од рана возраст кога неговото семејство првпат се соочило со неправда.
- Во 2012 година мојата мајка доби незаконит отказ на своето работно место од страна на тогашниот градоначалник на Општина Карпош. Правната битка што следуваше по тоа со години ме обликува во човекот кој сум денес - гладен за правда. Оттогаш, си ветив дека максимално ќе се посветам на моето правно образование со цел да можам да му помогнам на секој обесправен. Така што средината, а не гените, за мене беше пресудна - открива најдобриот студент на Правен.
Стефан се соочил со најтешките предизвици во студирањето во последниот семестар на додипломските студии кога се изучувале најобемните и сложени предмети.
- Сметам дека во моментот на Правниот факултет при УКИМ во Скопје голем недостаток е тоа што обемни и сложени предмети се изучуваат само во еден семестар, додека претходно тоа не било случај. Вака обемниот и сложен материјал во еден семестар не дозволува негово совладување без сериозни жртвувања на секое поле од животот. Дополнително, секогаш сум се соочувал со тешки предизвици во студирањето кога сум се разболувал за време на испитните сесии. Помнењето илјадници страници материјал и борбата со настинка се предизвикувачки сами по себе, а дотолку повеќе во комбинација – објаснува Стефан.
Во однос на релациите што ги создаваат професорите со студентите и обратно, Кофиловски смета дек постојат професори кои се насочени кон подобрување на студирањето, но и професори кои, за жал, или се на незадоволително ниво вложени или воопшто не се вложени и се дел од целокупниот проблематичен систем во Македонија.
- Во принцип и за наша среќа, сметам дека најголемиот дел од професорите имаат солиден однос со студентите, со тоа што редовно стојат на располагање дури и кога за тоа не се обврзани. Многумина од нив разбираат како е да се биде студент и не компромитирајќи ја професионалноста, знаат како да ги охрабрат и поддржат студентите. Дополнително, некои професори се толку добри, што дури може да се пример и за поразвиените странски држави - искрено одговара Кофиловски.
Предметите што длабоко го вовлекле во водите на правниот свет биле од граѓанско-правната област. Особено облигационото и граѓанското процесно право.
- Причината за ова можам да ја сумирам во кратка мисла на моите професори: „Човек може цел живот да помине без да стори кривично дело, но не може ни час да помине без да е во граѓанско-правен однос - вели тој.
Стефан го продолжи својот пат на магистерски студии по граѓанско процесно и материјално право. Потоа планира да ги започне и докторските студии на Правниот факултет во Скопје.
Како и кај секој млад правник, и кај Стефан постои желба да се промени нешто во сликата за правосудството кое, според сите релевантни извештаи, е област во која Македонија има најниска оцена.
- Професијата сама по себе не може апсолутно ништо да промени во поглед на довербата во правосудството. Ваквиот поглед е можеби зачудувачки, но и не е кога би се имало предвид дека добри и чесни правници постоеле откако постои правото, а и ќе постојат понатаму, иако можеби бројката варира со текот на годините - вели тој.
Проблемот со (не)довербата во правосудството, според него, е резултат на прекумерното регрутирање некадарни „партиски војници“ како судии и јавни обвинители кои преовладуваат и за најзапаметени кај народот (со право).
- Од друга страна, вистинските и правични судии и јавни обвинители поминуваат незабележани и ненаградени. Причината за овој проблем, како и најголемиот дел од проблемите во оваа држава, лежи во фактот што Собранието, какво што е моментално, не ја претставува вистинската волја на народот. Изборниот модел во Македонија не остава можност за искрена и чесна личност која е сакана од народот да биде избрана да го претставува. Напротив, како пратеници се избираат лица кои во изборната единица не им се познати на повеќето луѓе и најлошо - немаат доволно одговорност за да ги застапуваат интересите на општото население наспроти личните партиски интереси - коментира младиот правник.
За да се врати довербата во правосудството и во државата, според него, прв чекор треба да биде промена на изборниот модел во модел кој ќе промовира поголема одговорност на пратениците и вистинско застапување на интересите и волјата на народот.
- Со поголема одговорност и репрезентативност во Собранието ќе може да се врши и соодветна контрола на правосудството, наместо политички да се избираат членови на Судскиот совет кои се помалку квалификувани од самите судии врз кои тие треба да вршат надзор. Концептот на Судски совет како кочница на правосудството е добра замисла, но како и за многу други правни аспекти, примената чекори далеку од замислата - додава Кофиловски.
Фото: приватна архива