Повеќе од 150 смртни случаи се пријавени во врска со инјекциите за слабеење, покажуваат податоците на британската Агенција за лекови и здравствени производи (МХРА), која сепак истакнува дека пријавите не докажуваат дека самиот лек ја предизвикал смртта.
Објавено е и дека пациентите што користат лекови за слабеење поднеле околу 150.000 пријави за можни несакани ефекти и други несакани реакции.
Податоците се собрани во рамките на системот „Јелоу кард“ на британската МХРА, кој им овозможува на пациентите, членовите на нивните семејства и здравствените работници да пријавуваат несакани ефекти од лековите.
Сепак, МХРА нагласи дека пријавите во системот „Јелоу кард“ не докажуваат дека лекот предизвикал несакан ефект или смрт. Тие само покажуваат дека лицето што го пријавило случајот се сомневало во можна поврзаност.
Податоците опфаќаат лекови од групата ГЛП-1 кои се достапни во рамките на британскиот Национален здравствен систем (НХС), вклучувајќи го лираглутидот, кој се продава под називот „саксенда“, семаглутидот познат како „вегови“, и тирзепатидот кој се продава како „мунџаро“.
Според податоците, за тирзепатидот, активната супстанција на лекот „мунџаро“, пријавени се 106.189 несакани реакции и 120 смртни случаи за кои се сомнева дека се поврзани со лекот.
Семаглутидот, пак, е поврзан со 48.089 пријавени несакани реакции и 59 смртни случаи. Се користи во лекот за слабеење „вегови“, но е и активна супстанција на лековите за дијабетес „оземпик“ и „рибелсус“.
Лираглутидот, кој се продава како „саксенда“, е поврзан со 4.491 пријавена несакана реакција и 37 смртни случаи. Се користи и за лекување дијабетес под други заштитени имиња.
Податоците од системот „Јелоу кард“ покажуваат и други видови пријавени несакани ефекти. Кај семаглутидот, 28.884 пријави се однесуваат на дигестивни тегоби, додека повеќе од 5.000 се однесуваат на нарушувања на нервниот систем.
Кај тирзепатидот се евидентирани 65.024 пријави за дигестивни тегоби и 13.964 пријави за нарушувања на нервниот систем. Повеќе од 2.000 пријави се однесувале на психијатриски нарушувања.
Кај лираглутидот, 1.461 пријава се однесувале на дигестивни тегоби.
Вообичаените несакани ефекти од инјекциите за слабеење се гадење, повраќање, дијареја, запек и киселински рефлукс.
Во некои случаи овие лекови се поврзани и со проблеми со срцето и крвните садови, нарушувања на нервниот систем, очни проблеми и посериозни дигестивни состојби, од кои некои завршиле со смртен исход.
-Како и кај сите лекови, безбедноста на лековите ГЛП-1 постојано се следи, вклучувајќи ги и новите сознанија од спонтаните пријави и научните публикации. За сите евентуални промени поврзани со безбедноста на овие лекови, пациентите и здравствените работници ќе бидат навремено известени, а ќе се преземат соодветни мерки за намалување на секој утврден ризик - изјави портпаролот на МХРА.
Фото: magnific