X
 04.09.2025 Здравје

Предупредување од СЗО: Самоубиството опфаќа еден од 100 смртни случаи

Самоубиството опфаќа еден од 100 смртни случаи во светот, објави Светската здравствена организација. Затоа, СЗО повикува на итни мерки за запирање на зголемената криза со менталното здравје, особено кај младите луѓе.

СЗО соопшти дека иако глобалната стапка на самоубиства е малку намалена во последните години, напредокот во борбата против проблемот е премногу бавен. Во 2021 година, последната година за која беа достапни податоци, имало околу 727.000 самоубиства во светот, соопшти здравствената агенција на Обединетите нации.

- Глобално, самоубиството опфаќа еден на 100 смртни случаи. Овие самоубиства влијаеле врз безброј други животи и средства за живот бидејќи пријателите, старателите и најблиските биле принудени да се справат со незамисливи тешкотии - изјави Девора Кестел, раководител на одделот за незаразни болести и ментално здравје на СЗО.

Самоубиството е втора водечка причина за смрт кај девојчиња и жени на возраст од 15 до 29 години

Извештајот „Светското ментално здравје денес“ истакнува дека самоубиството останува водечка причина за смрт кај младите луѓе во различни географски области и социо-економски контексти. Во 2021 година тоа било втора водечка причина за смрт кај девојчиња и жени на возраст од 15 до 29 години и трета водечка причина за смрт кај мажи во истата возрасна категорија, открива извештајот на СЗО.


Бројот на луѓе што живеат со ментални нарушувања пораснал побрзо од глобалното население

Намалувања се забележани во секој регион - освен во Америка, каде што стапката на самоубиства се зголемила за 17 проценти во истиот период. Речиси три четвртини од сите самоубиства се случуваат во земјите со ниски приходи, каде што живее поголемиот дел од светската популација.

Агенцијата предупредува дека иако стапките на самоубиства полека се намалуваат, преваленцијата на ментални нарушувања, како што се анксиозноста и депресијата, се зголемува.

Самоубиството е последица на тоа што не се инвестира во менталното здравје


Според најновите наоди, повеќе од една милијарда луѓе живеат со нарушувања на менталното здравје, а СЗО изразува особена загриженост за зголемената инциденција на нарушувања на менталното здравје кај младите луѓе.

Марк ван Омерен, раководител на одделот за ментално здравје на СЗО, вели дека двете главни хипотези се социјалните медиуми и влијанието на пандемијата на ковид-19. СЗО го вклучи алармот за „стагнацијата“ на инвестициите во менталното здравје низ светот, при што просечните светски владини трошоци за менталното здравје остануваат само 2 проценти од вкупните буџети за здравство - непроменети од 2017 година.

На глобално ниво, само 9 проценти од луѓето со депресија добиваат третман, откри СЗО.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје