Многумина што во моментов бараат работа можат да потврдат дека ова е еден од најпредизвикувачките периоди за пронаоѓање нови можности.
Вработувањата опаѓаат во многу индустрии, додека масовните отпуштања во одделни сектори значат дека сè поголем број работници се натпреваруваат за ограничен број слободни работни места.
Сепак, за некои професии и понатаму има голема побарувачка. Според извештајот што во средата го објави платформата „Монстер“, во текот на третиот квартал се издвоиле десетте најбарани професии меѓу огласите на работодавците. Во моментов најмногу можности нудат секторите за здравство, логистика, продажба и корисничка поддршка.
Најбарани професии во моментов
Регистрирана медицинска сестра
Физиотерапевт
Возач на камион
Комерцијалист
Радиолошки техничар/технолог
Логопед (терапевт за говор и јазик)
Доставувач
Респираторен терапевт
Професионален терапевт (специјалист за рехабилитација)
Претставник за корисничка поддршка
- Здравството очигледно преовладува на оваа листа. Дури шест од десет занимања се во оваа област - вели Вики Салеми, експерт за кариера од платформата „Монстер“.
Извештајот се базира на десетици илјади огласи објавени во текот на третиот квартал и покажува дека т.н. „суштински професии“, како возачите на камиони и доставувачите, и понатаму се стабилни и отпорни на кризи.
Додека некои од професиите на листата бараат стручни квалификации или професионални сертификати, други се подостапни за кандидати кои сè уште немаат големо искуство во таа област.
- Ако работите во индустрија каде што комуницирате со клиенти, голема е веројатноста дека веќе поседувате вештини за корисничка поддршка - објаснува Салеми и советува кандидатите кои сакаат да се испробаат во нова професија да го сфатат вложувањето во дополнителни вештини како чекор што може значително да ги зголеми шансите за вработување.
Освен тоа, додава таа, иако некои професии не се најдоа на оваа листа, сезонското вработување во трговијата и угостителството веќе е во полн ек пред новогодишните празници.
Без оглед за која позиција аплицирате, Салеми ги советува кандидатите секоја пријава да ја приспособат на конкретната работа наместо да испраќаат масовни апликации на десетици огласи.
- Не е поентата во количината на пријави. Клучот е во фокусираниот пристап. Подобро е внимателно да се одберат неколку позиции што навистина одговараат на вашите способности и цели отколку да се аплицира без план и да се надевате на најдобриот исход - истакнува таа.
Извор:
Bizlife.rs
Фото: Freepik