X
 14.11.2025 Живот

„Епл“ ги руши границите - „ајфон“ наскоро ќе добие напредни сателитски можности

Според информациите објавени од Марк Гурман од „Блумберг“, „Епл“ развива голем број нови функции што ќе му овозможат на „ајфон“ да се поврзе преку сателит, со што компанијата сака да им обезбеди на своите корисници поширока покриеност и поголема независност од мобилните оператори.

Во „Епл“, наводно, се дискутирала можноста за лансирање сопствена сателитска мрежа, но дел од менаџментот смета дека „Епл“ не треба да стане „мобилен оператор“. Сепак, компанијата сериозно ги проширува своите планови поврзани со сателитската комуникација - и тоа на неколку нивоа.

Според Гурман, некои од функциите што би можеле да се појават на идните генерации на „ајфон“ се:

Сателитска 5Г (НТН)

– „Ајфоните“ што треба да се појават во 2026 година ќе поддржуваат 5Г-технологија што користи сателитска инфраструктура за проширување на покриеноста, што би можело значително да го подобри сигналот во руралните и во областите со ниска покриеност.

Испраќање фотографии преку сателит - Во моментов „ајфон“ може да испраќа текстуални пораки само кога нема мрежен сигнал, но наскоро корисниците ќе можат да споделуваат слики преку апликацијата „Пораки/Messages“.

АПИ за програмери

– „Епл“ би можел да им дозволи и на трети страни пристап до сателитската врска, што би им отворило врата на програмерите да развиваат апликации што работат надвор од опсегот на мобилната мрежа.

Автоматско поврзување - корисниците повеќе нема да мора рачно да се „насочуваат“ кон небото за да се поврзат со сателит, што значително ќе го олесни користењето.

„Епл мапс“ без интернет

- Навигацијата на „Епл мапс“ треба да работи дури и без безжична или мобилна мрежа благодарение на сателитската поддршка.


Во моментов, „Епл“ ја користи сателитската инфраструктура на „Глобалстар“, но овие планови ќе бараат големо проширување на мрежата и надградба на системот. Интересно е што „Глобалстар“ е во преговори со „Спејс екс“ за можно преземање, што би можело да му даде на „Епл“ пристап до уште понапредна сателитска технологија во иднина.

Според Гурман, „Епл“ планира да понуди основни сателитски функции бесплатно, додека понапредните функции би барале претплата преку оператори или сателитски партнери како „Спејс екс“.

За разлика од „Спејс екс“, кој работи на овозможување повици и видеоповици преку сателит, „Епл“ засега нема планови да воведе таква можност - фокусот останува на пораки, безбедносни опции и проширување на покриеноста.

Ако сè оди според планот, во наредните години „ајфон“ би можел да стане уред што ќе биде поврзан дури и кога мрежите ќе откажат - што би можело да означи почеток на една сосема нова ера на мобилната комуникација.

Извор: bajtbox.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот