X
 09.01.2015 Култура

Запознајте го вистинскиот Џејмс Бонд

На 4 јануари во 1900 година во Филаделфија се родило бебе со име Џејмс Бонд. Тој нема да порасне во шпион со дозвола за убивање како оној за кој сте слушнале. Тој ќе стане орнитолог и ќе живее мирен, нормален живот, сè додека некој не му го позајми името.


Бонд живеел во Англија додека растел. Дипломирал на Универзитетот во Кембриџ, а потоа се вратил во САД за да работи како банкар, но неговиот интерес во науката и природната историја го поттикнале да стане дел од експедиција до Амазонските шуми за наоѓање биолошки примероци. По враќањето започнал да работи како орнитолог на Академијата за природни науки во Филаделфија. Со работата во музејот добил репутација како експерт во видови птиви од Карибите, а неговата книга од областа била сметана за најдобар водич за птици од регионот во времето.

Покрај бројните научни достигнувања и многу книги, како и награди, неговото име станало познато поради една друга книга.

Во 1961 година, Бонд читал лондонски весник кога наишол на рецензија за последното издание од книга со пиштоли, секс и други елементи кои воопшто не биле поврзани со неговиот живот. Заедно со сопругата, набрзо сфатил дека се работи за друг лик кој бил херој во романи напишани од Ијан Флеминг, кои биле популарни во Велика Британија.

Тие му напишале писмо на Флеминг за кражбата на името. Флеминг вратил со одговор во кој објаснил дека додека живеел во Јамајка и започнал да ја пишува првата од неговите книги, книгата на Бонд била негова „библија“ во областа на птиците. Тој сакал неговиот лик да има вообичаено име и се сетил на авторот на книгата за птиците. Така се родил Џејмс Бонд.

Во писмото тој напишал и дека семејството Бонд има право да го користи името Ијан Флеминг на начин на кој ќе посака и во секаква конотација. Тој ги поканил и во својот дом во Јамајка. Тие го посетиле неколку години подоцна.

Следните неколку децении, со неговата смрт на 89 години, името му предизвикувало само мали проблеми. Еднаш, Бонд бил сопрен на аеродром бидејќи обезбедувањето мислело дека неговиот пасош е лажен.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура