X
 21.04.2015 Образование

Студентскиот пленум со повик за студентски марш

Студентскиот пленум на УКИМ денес одржа прес-конференција на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Целта беше изјавувањето на нивната поддршка за средношколците во бојкотот на наставата.


Студентскиот пленум веќе ја има изразено својата поддршка кон средношколците во облик на видеа како „Образование vs Адеми“ и профилни слики со мотивирачки и критички цитати за образованието во Македонија. Најавен беше и студентски марш, кој ќе се одржи во склоп на средношколскиот марш најавен за четврток (23.04) во Скопје.

Студентскиот пленум потсети на сите активности кои им се случуваа на студентите во изминатите месеци, по кои извојуваа победа против власта.

„Студентскиот пленум добро го позна игнорантниот однос на надлежните кои секојпат настојуваат да бидат единствениот фактор кој ќе ги креира политиките правејќи се глуви на аргументите кои ги нудат другите општествени чинители. Одовде и' порачуваме на владата конечно да ја напушти позицијата на сила како аргумент во дебатите и во креирањето на политики во образованието, но и надвор од него“, изјави Христијан Поп-Симонов од Студентскиот пленум.


Студентскиот пленум ја спореди сегашната ситуација на средношколците и односот кој го добиваат од власта со својата ситуација за време на студентската окупација на факултетите.

„Токму затоа, студентскиот пленум ја изразува својата поддршка за средношколците, онака како што тие не' поддржаа нас. Ве потсетуваме господине министре дека се соочувате со најсплотените генерации, кои не само што ги знаат своите права, туку ќе го урнат ѕидот на наметнати политики“, додаде Христијан.

На крајот, студентите ги повикаа сите колеги да им се придружат на студентскиот марш во четврток во 12 часот пред платото на УКИМ, од кадешто се упатуваат кон Владата на РМ, каде ќе им се приклучат на средношколците.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование