X
 15.09.2015 Образование

Пленумците го одржаа првиот пленумски час пред УКИМ

„Денеска, на 15 септември, на првиот академски час Студентскиот пленум се одлучи да го организира и првиот пленумски час“, започна Демијан Хаџи-Ангелковски од Студентскиот пленум во својата изјава за медиумите.



Денес се одржа првиот пленумски час пред платото на УКИМ. Часот требаше да поттикне дискусија со новите бруцоши и да ги поттикне новите студенти да му се придружат на пленумот. Студентите кои ние ги видовме пред платото на УКИМ се досегашните членови на пленумот, кои делеа и информативни флаери за пленумот.

Новите студенти, во меѓувреме, доаѓаа и си заминуваа од првиот академски час на своите факултети. Пред Филозофскиот/Филолошкиот факултет беа пленумците, чекајќи ги новите студенти.


„Ние сакаме да ги запознаеме новите студенти, бруцошите со проблемите со коишто ќе се соочуваат во наредните години за време на нивното студирање. Ние сме тука да ги интегрираме во Студентскиот пленум и да порачаме дека Студентскиот пленум ја продолжува својата борба и оваа година. Ние сакаме да ги отвориме сите студентски прашања коишто има потреба да се отворат, но сè уште не се спомнати никаде во нашето општество. Ние тука ќе порачаме дека Студентскиот пленум продолжува и оваа година силно и моќно да се бори со сите проблеми, како руинираните студентски домови и намалениот студентски стандард“, додаде Хаџи-Ангелковски.


Конкретно, не се откри за какви проблеми станува збор и на кој начин пленумот ќе се бори против нив. Хаџи-Ангелковски, студентот кој говореше во името на Студентскиот пленум не откри никакви детали во врска со соработката со Министерството за изработката на новиот закон, но го спомена Студентскиот парламент како проблем на студентите бидејќи телото „не ги брани правата на студентите“.



Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование