X
 15.05.2019 Технологија

Кина ја блокира „Википедија“ на сите јазици

Во Кина се забранети сите изданија на „Википедија“, во пресрет на годишнината од смртоносниот протест на плоштадот „Тјенанмен“ во 1989 година.

Како што јави ДПА, претходно било блокирано само кинеското издание на „Википедија“, но сега се недостапни и сите други јазици на онлајн-енциклопедијата што ја создаваат корисниците.

Интернет-истражувачи од Отворената опсерваторија за мрежна интеракција, која ја води непрофитна организација со седиште во САД, овој месец објавија дека изданијата на „Википедија“ на неколку јазици биле забранети од април.

Забраната доаѓа пред 30-годишнината од смртоносните протести на плоштадот „Тјенанмен“ во Пекинг, одржани на 4 јуни 1989 година.

Кинеската влада смета дека настанот е многу политички чувствителен и секоја година околу овој датум ја зајакнува цензурата.

Фондацијата „Википедија“, која раководи со „Википедија“, не одговорила веднаш на прашањата што ѝ ги испратила ДПА, но фондацијата претходно потврдила дека во Кина се блокирани сите јазични верзии на нејзината интернет-страница.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија