X
 15.07.2018 Живот

Мрачната историја на стадионот каде се играше финалето од Светското фудбалско првенство

Финалето на Светското првенство се одржа на московскиот стадион „Лужњики“. Многу фудбалски фанови ќе се сетат дека ова беше стадионот на кој се одржа финалето на Лигата на шампионите во коe Манчестер јунаjтед го победи Челзи 6:5. На стадионот се одржа и Светското првенство во атлетика во 2013 година, на кое Усеин Болт и Шели-Ен Фрејзер-Прајс освоија по три златни медали.

Во подготовките за големиот спортски натпревар главниот стадион често е ставан „под лупа“. Се поставуваат прашања дали ќе биде завршен навреме, колку работници работеле на него и колку средства биле вложени. Но историјата на ваквите локации често останува мистериозна.

FIFA
Фото: Wikimedia Commons


Стадионот „Лужњики“ има неверојатна и трагична историја што ја следи историјата на Русија, односно Советскиот Сојуз и културата од тоа време - социјализмот во последните фази на советското политичко експериментирање.

Оригинално именуван како Владимир Илиќ Ленин, стадионот бил отворен на 31 јули 1956 година во југозападниот дел на Москва. Името што денес го носи го добил во 1992 година, а неговиот превод значи „ливада“, осврнувајќи се на ливадите на кои бил изграден. Оригиналниот стадион бил испланиран и дизајниран во период од 90 дена во 1954 година, а неговата изградба била завршена во 450 дена.

Овој голем проект не само што имал цел да му оддаде почит на Ленин, туку бил и показател за моќта на советската економија и нејзината градежна способност, особено во систем што ги препознавал и наградувал работниците што ќе ги надминеле нивните деловни очекувања. Овој пристап ја индустријализирал нацијата и изградил низа градови со неверојатна брзина за време на Сталин.

Оригиналниот стадион не бил изграден без предизвици, особено што се однесува до водата во земјата, поради која бил изграден на длабоки темели што го подигнале за околу 50 сантиметри. Наскоро станал препознатлив дел од московскиот пејзаж.

2
Фото: Pixsell


Низ децениите оригиналната структура на стадионот претрпела голем број промени и модификации - првпат за време на подготовките за Олимписките игри во Москва во 1980 година, а потоа бил додаден и покривот. Поради неодамнешната реконструкција, стадионот бил затворен четири години, од 2013 до 2017 година. Оваа реконструкција уништила голем дел од оригиналната структура и ги зачува само оригиналните фасадни ѕидови.

Иако неговата структура се изменила низ годините, неговата намена останала иста. По завршувањето, стадионот станал национален дом на фудбалот и атлетиката, и домаќин на повеќето советски големи спортски настани. Стадионот улога пронашол и во советското општество за одржување на таканаречената „мека моќ“, односно процес во кој се користи економско и културно влијание за да се влијае врз дипломатските односи. Својата улога ја продолжува и понатаму како место за церемонијата на отворање и затворање на Светското првенство во Русија.

На 28 јули 1957 година било отворањето на шестиот светски младински фестивал, со церемонија за свечено отворање токму на стадионот „Ленин“. Повеќе од 34.000 посетители од 130 земји и 120.000 советски посетители пристигнале во Москва за да земат учество на фестивалот што траел две недели.

Серија активности се одржале на стадионот по смртта на Сталин, а фестивалот ја проектирал советската мека моќ во моментите на тензиите на Студената војна и испратил порака за нова визија на советското општество во земјата и во странство. Неговата улога во прикажувањето на советската моќ продолжила и се зголемила особено во јули и август 1980 година, кога на стадионот се одржала церемонија за отворање и затворање на Олимписките игри во Москва.

Многу политичари повикале на бојкот на ова првенство поради труењето на Сергеј и Јулија Скрипал во март 2018 година, а Фестивалот на младите во 1957 и Олимписките игри во 1980 година биле бојкотирани од многу луѓе.

2
Фото: Pixsell


Стадионот бил и место на една од најголемите фудбалски катастрофи. На 20 октомври 1982 година играле московскиот Спартак и ФК Харлем од Холандија во Купот на УЕФА. Навивачите кои се обиделе да излезат од стадионот предизвикале стампедо во кое биле убиени 66 лица, од кои 45 биле тинејџери. Вистинската причина за предизвикување на стампедото било тешко да се реконструира, а начинот на кој државата се соочила бил шокантен.

Медиумите речиси ја игнорирале несреќата, а таинственоста и официјалните одговори биле типичен начин на кој Советскиот Сојуз пристапувал кон несреќите и природните катастрофи. Дури по политиката на Михаил Горбачов - гласност, со која се охрабрувала јавната расправа за политички и социјални прашања, деталите од трагичната несреќа станале познати за јавноста. Така, во 1989 година излегле информации дека според некои процени, бројот на мртви бил многу поголем.

По финалето на Светското првенство се чини дека многу помалку се размислува за историјата на овој стадион, особено за оваа трагедија. Додека руската влада и фудбалските претставници се обидуваат да испратат порака за модернизација и трансформација, негативните слики не се дозволени.

Крајот на ова првенство сепак им овозможува на играчите, навивачите и на останатите што го гледаа преносот пред екраните барем на момент да се потсетат на комплицираното, скриеното и трагичното минато на овој стадион.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот