Познатото британско студио „Заха Хадид архитектис“ претстави 3Д-визуелизации на главниот урбанистички план за градот Халид Бин Султан, нов урбан центар во Шарџа, третиот најнаселен град во Обединетите Арапски Емирати.
Локацијата се наоѓа во непосредна близина на нивното веќе изградено седиште на компанијата, а новиот проект црпи инспирација од дизајнот на таа зграда, која се карактеризира со флуидни архитектонски форми, кои потсетуваат на пустински дини обликувани од ветер.
Новата градска област, замислена првенствено како деловен округ, но и како дизајнерска зона, ќе се состои и од седум станбени области, поврзани со патеки, а во центарот ќе има оаза долга два километри.
Од џамија до спортски терени
Новиот урбан центар е замислен како просторно и климатски погодно место за живеење преку целата година, наменето за сите возрасти. Секоја населба е организирана околу централен јавен плоштад и е на помалку од пет минути пешачење од другите населби.
Јавните простори нудат различни погодности за заедницата, а јавните објекти служат и како центри за социјален и рекреативен живот. Меѓу поважните објекти се џамија, културен центар и покриени спортски терени на отворено.
Уредени зелени појаси
Централната оаза на градот се протега јужно од деловниот кварт на компанијата, се извива низ урбаниот простор во форма на зелен појас со променлива ширина, создавајќи уредени зелени појаси.
Оваа зелена артерија функционира како рекреативен простор и место за собирање, со патеки за џогирање и возење велосипед, градини со скулптури, езера со див свет, кафулиња, ресторани и зони за релаксација и велнес.
Овој урбанистички план се базира на идејата дека градовите погодни за автомобили придонесуваат за зголемување на температурите. Како одговор на тој проблем, планот фаворизира пристапност за пешаци, а има и пешачки патеки во сенката на локалната вегетација, како и под затскриените фасади.
Исто така, објекти како што се детски центри, спортски области и клиники за велнес ќе бидат лоцирани на пешачко растојание од станбените згради.
Удобно движење на отворено во текот на целата година
Пејзажната архитектура е стратешки дизајнирана да ја намали температурата на почвата и да овозможи удобно движење на отворено во текот на целата година, објаснуваат архитектите од „Заха Хадид“.
Извор: gradnja.rs
Фото: YouTube screenshot