X
 15.08.2018 Економија

Како „Ербиенби“ од изнајмување душек за 10 долари стана компанија вредна 30 милијарди долари

Го започнале бизнисот со цел да го унапредат и олеснат сместувањето, а денес, десет години подоцна, бизнис-царството на „Ербиенби“ вреди повеќе од 30 милијарди долари. Иако важи за една од најголемите интернет-страници што посредуваат при наем на сместување, нивниот пат до успехот воопшто не бил лесен.

Пред точно десет години, во 2008 година, двајца цимери, односно основачите на „Ербиенби“, Брајан Чески и Џо Гебија, не биле во можност да си ја платат киријата за станот во кој живееле и дошле до идеја својот душек на надувување да го изнајмат за 10 долари. Иако самата иницијатива произлегла од потребата за дополнителен приход, со текот на времето увиделе дека таквиот начин на изнајмување би можел да им помогне на мнозинството луѓе со финансиски проблеми како нивните.

Така, во август 2008 година заживеала идејата за интернет-страница за „душек на надувување и појадок“ (AirBad & Breakfast). На почетокот основачите мака мачеле со лансирањето на страницата, која трипати доживеала пропаст, но и со инвеститорите. За да го задржат својот почетен капитал, Чески и Гебија се решиле за мини-потфат и за време на американските претседателски избори во 2008 година продавале „Obama O's“ и „Cap'n McCains“ садови со житарки. Така за два месеца го заработиле својот прв капитал од 30.000 долари, а потоа следувало и првото вложување од страна на Пол Грахам, англиски инвеститор, кој уште на почетокот го препознал потенцијалот на нивната идеја.


Фото: Novac

Следната, 2009 година била главна пресвртница на тогаш младата компанија, а преименувањето во „Ербиенби“ се покажало како вистински бизнис-погодок. Потоа стартапот растел со голема брзина, а во пролетта 2014 година забележал 10 милиони корисници, кои преку неговата страница резервирале сместување и 550.000 огласени сместувања низ светот, додека во 2016 година тој број се зголемил на 80 милиони. Денес овој посредник за сместување брои 164 милиони корисници кои преку страницата резервираат место за одмор, а распространети се во 191 држава.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија