X
 15.09.2023 Наука

Изложеноста на еден метал може да предизвика повеќе срцеви заболувања отколку пушењето или холестеролот

Труењето со олово има многу поголемо влијание врз здравјето на луѓето отколку што се мислеше, потенцијално придонесувајќи за над 5 милиони смртни случаи годишно и претставува слична закана како загадувањето на воздухот, покажа неодамнешно истражување.

Истражувањето, опишано како „повик за будење“, исто така проценува дека изложеноста на отровниот метал предизвикува малите деца во земјите во развој да губат по речиси шест поени на коефициент на интелигенција.

Се покажа дека загадувањето со олово предизвикува низа сериозни здравствени проблеми, особено поврзани со срцевите заболувања и развојот на мозокот кај малите деца, што резултира со забрана на оловниот бензин во светот.

Но, луѓето сè уште можат да бидат изложени на моќниот невротоксин преку храната, почвата, садовите за готвење, ѓубривата, козметиката, оловно-киселинските батерии за автомобили и други извори.

Двајцата економисти на Светска банка што го напишаа истражувањето, објавено во списанието „Лансет планетари хелт“, рекоа дека тоа е првото истражување што го процени влијанието на изложеноста на олово врз смртните случаи од срцеви заболувања и губењето на детскиот коефициент на интелигенција во богатите земји и земјите во развој.

Бјорн Ларсен, главниот автор на истражувањето, вели дека кога првпат ја виделе бројката што ја пресметал нивниот модел, не се осмелиле ни да ја шепнат бидејќи била многу висока.

Нивниот модел проценува дека 5,5 милиони возрасни лица починале од срцеви заболувања во 2019 година поради изложеност на олово, 90 отсто од нив во земјите со низок и среден приход.

Тоа е шестпати повеќе од претходната процена и претставува околу 30 отсто од сите смртни случаи од кардиоваскуларни болести - водечка причина за смрт во светот.

Тоа би значело дека изложеноста на олово е поголема причина за срцеви заболувања отколку пушењето или холестеролот, рече Ларсен.

Исто така, истражувањето процени дека децата под пет години изгубиле 765 милиони IQ поени поради труење со олово на глобално ниво во 2019 година, а 95 отсто од тие загуби доаѓаат во земјите во развој.

Тој број е речиси 80 отсто поголем од претходните процени.

Истражувачите на Светска банка ја проценуваат економската цена на изложеноста на олово на 6 билиони долари во 2019 година, што е еквивалентно на 7 отсто од глобалниот бруто-домашен производ.

За анализата, истражувачите користеле процени на нивоата на олово во крвта во 183 земји, земени од значајната студија за глобалниот товар на болести во 2019 година.

Претходните истражувања го мереле само ефектот на оловото врз срцевите заболувања кога станува збор за зголемување на крвниот притисок. Но, новото истражување разгледа многу други начини на кои оловото влијае врз срцето, како што е затнувањето на артериите што може да доведе до мозочен удар.

Рој Харисон, експерт за загадување на воздухот и здравје на Универзитетот „Бирмингем“ во Обединетото Кралство кој не беше вклучен во истражувањето, вели истражувањето е интересно, но предмет на многу несигурности.

На пример, врската помеѓу олово во крвта и срцевите заболувања се заснова на истражување во САД, а дали тие наоди би можеле да се применат низ целиот свет, не е сигурно.

Исто така, Харисон истакна дека моделот користел процени - не тестови - на олово во крвта во многу земји во развој.

Ако резултатите се потврдат, тие би биле од големо значење за јавното здравје, но во моментов ова е едноставно интересна хипотеза, вели тој.

Ричард Фулер, претседател на невладината организација „Пјур ерт“, рече дека кога истражувањата во земјите во развој го тестирале оловото во крвта, тие главно откриле повисоки нивоа од проценетите во новата студија.

- Ова значи дека влијанието на оловото може да биде полошо отколку што опишува извештајот - рече тој.

Фулер вели дека дел од ова „исчезнато парче од сложувалката“ е откриено во извештајот oд „Клин ерт“ објавен во вторникот, во кој се анализирани 5.000 примероци на стоки за широка потрошувачка и храна во 25 земји во развој.

Истражувањето откри високи стапки на контаминација со олово во метални тенџериња и тави, керамички садови, боја, козметика и играчки.

- Ова е причината зошто посиромашните земји имаат толку многу труење со олово. Тоа се предмети во кујната кои ги трујат - рече тој.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука