Вистинска мајсторија се ракотворбите што пензионираната новинарка Златка Пурковиќ од Прилеп ги изработува со техниката филигран. Нив ги краси прецизност, емотивност, хармоничен колорит и уникатна декорација како со рака недопрена. Ова е техника на сликање или изработка на накит и украси со срмен конец. Прво ја изработува шемата на која со срма, со помош на лепило, ја оформува сликата или изработката.
По текстовите почна да работи филигран
Со овој макотрпен занает, кој бара големо внимание, посветеност и смиреност, Пурковиќ почна да се занимава по пензионирањето. Како новинарка работеше во повеќе медиуми, а своевремено беше и дописничка на „Дојче веле“.
- Почнав кога заминав во пензија бидејќи онаа хиперактивност што е специфична за новинарите мораше да се пополни со некаква креативна активност. Не сум тип што прави кифли, што оди по комшии или гледа турски серии, па морав да си најдам занимација - вели Пурковиќ.
Не е макотрпно кога се работи со љубов
Занимацијата со која се зафати воопшто не е лесна зашто претставува вистинско уметничко остварување. Но, Златка вели дека ништо не е тешко ако се работи со љубов.
- Макотрпно, барем за мене, никогаш не било бидејќи јас ја работам оваа работа со љубов. Исто како кога работев новинарство, никогаш не ми беше тешко, ни напорно. Имало тешки и предизвикувачки ситуации, но се забораваат кога ќе го видиш крајниот резултат. Колку и да е излитена фразата дека тоа што го работиш со љубов не е тешко, сепак, тоа е суштината. А јас сум тип кој никогаш не работи нешто ако не ужива во тоа - вели Златка.
Се учела сама, немало кој да ја упати и да ѝ ја олесни работата. За време на нејзините почетоци немало ни видео за вакви изработки. Вели дека ретко кој сака да ги открие тајните на работата, но задоволството е поголемо кога сам ги осознаваш. Преку работата таа стекна искуство и се усоврши.
Дел од изработките завршиле кај познати личности и красат храмови
- Најчесто изработувам пеперутки зашто ми се омилени инсекти поради нивната раскошност. При таквите изработки не мора да се водиш од некое клише, туку ја пушташ фантазијата да те води. Никогаш не знам како ќе изгледа крајниот резултат, си играм со боите и процесот на работа - вели таа.
Меѓу филигранските изработки има и икони со светци чие житие претходно го проучува за да ги изработи на соодветен начин. Не брои колку дела досега создала, но ги има стотици. Некои завршиле кај познати личности. Прилепскиот саат во филигран-техника го изработила за полски амбасадор, владиката Петар, а големи икони на кои го ставила својот потпис красат цркви низ Македонија.
Болничката соба ја претвори во работилница
- Работам турбо додека не ја видам изработката готова. Додека работам, адреналинот двојно ми се зголемува, а заморот, оној квалитетниот, доаѓа на крајот, заедно со чувството дека си создал нешто што останува и по тебе. Во филигранот не вложуваш само материјал, работни саати, туку и чиста љубов и трпение. Сликата на крај оживува. И тоа е задоволството, кога некому ја даваш и знаеш дека си дал дел од себе, од своите мисли и љубов – вели таа.
Темпото на Пурковиќ последните месеци е намалено поради здравствени проблеми. Токму нејзината креативна работи ѝ овозможува да се избори со здравствената криза.
- Пред девет месеци ми беше дијагностициран канцер на бели дробови, но јас не престанав да работам. Напротив, филигранот ми помогна да излезам од кризата, да не мислам што ќе биде утре, туку дека сум жива и сѐ уште работам. Во овој еден и пол месец во клиника ја претворив болничката соба во работилница. На секое масиче имаше икона и се чувствуваме убаво со цимерките, полесно, поиздржливо - вели Пурковиќ.
Верува дека изработките што ги прави, меѓу кои и иконите, ќе ѝ ја вратат позитивната енергија бидејќи, како што вели, таа не останува во нив, туку се враќа кај оној што со љубов, надеж и верба ќе застане пред нив.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.