X
 15.09.2025 Живот

Јапонија со рекорден број стогодишници - речиси 100.000 лица над 100 години

Јапонската влада соопшти дека бројот на луѓе во Јапонија на возраст од 100 години и повеќе достигнал речиси 100.000.

Според Министерството за здравство, бројот на стогодишници во Јапонија се искачил на 99.763 во септември, што е  55. година по ред. Од нив, жените опфаќаат огромни 88 отсто.

Јапонија има најдолг животен век во светот и често е дом на најстарите живи луѓе, иако некои истражувања го доведуваат во прашање точниот број на стогодишници во светот. Ова е едно од најбрзостаречките општества, каде што жителите често имаат поздрав начин на исхрана, но низок наталитет.

Најстарата личност во Јапонија е 114-годишната Шигеко Кагава од Јаматокоријама, предградие на Нара, додека најстариот маж е 111-годишниот Кијотака Мизуно од крајбрежниот град Ивата.

Министерот за здравство Такамаро Фукока им честита на 87.784 жени и 11.979 мажи стогодишници за нивниот долг живот и изрази благодарност за нивниот долгогодишен придонес за развојот на општеството.

Во 60-тите години Јапонија имала најнизок процент на луѓе над 100 години меѓу земјите на Г7, но тоа значително се промени во наредните децении. Кога владата започнала со анкета за стогодишници во 1963 година, имало само 153 луѓе над 100 години. Бројот се зголемил на 1.000 во 1981 и на 10.000 во 1998 година.

Поголемиот животен век се припишува на помал број смртни случаи од срцеви болести и чести форми на рак, особено рак на дојка и простата.

Јапонија има низок процент на дебелина, што значително влијае врз овие болести, благодарение на богатата исхрана со риба и зеленчук, и избегнувањето на црвеното месо. Процентот на дебелина е особено низок кај жените, што делумно објаснува зошто јапонските жени имаат многу поголем животен век од мажите.

Додека во остатокот од светот се зголемува внесот на шеќер и сол, Јапонија оди во спротивна насока - со јавно здравствени пораки кои успешно ги убедуваат луѓето да ја намалат солта во исхраната. Освен исхраната, Јапонците остануваат активни и во подоцнежните години, пешачат и користат јавен превоз повеќе отколку постарите лица во САД и Европа.

„Радио Таисо“, дневна групна вежба, е дел од јапонската култура од 1928 година. Рутината трае три минути и се пренесува на телевизија, а ја практикуваат и мали локални групи низ целата земја.

Сепак, неколку истражувања ја доведуваат во прашање точноста на глобалните бројки на стогодишници, укажувајќи на можни грешки во податоците. Владината ревизија на семејни регистри во Јапонија во 2010 година открила повеќе од 230.000 луѓе кои биле заведени како стогодишници, но не биле пронајдени, а некои од нив починале неколку децении порано.

Грешките се припишуваат на нецелосно водење записи и на сомневања дека некои семејства можеле да ги кријат смртните случаи на стари роднини за да продолжат да добиваат пензија.

Истрага била покрената откако останките на Соген Кото, кој се сметал за најстар маж во Токио на 111 години, биле пронајдени во неговиот семеен дом 32 години по неговата смрт.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот