X
 15.12.2025 Живот

„Мајкрософт“ ќе ја стопира суперинтелигенцијата ако стане закана за човештвото

Мустафа Сулејман, клучна фигура во новиот ВИ-тим на „Мајкрософт“, има амбициозна цел - да создаде суперинтелигенција која ќе биде усогласена со интересите на човекот. Во неодамнешно интервју Сулејман даде ветување кое привлече внимание во технолошката индустрија - дека ќе го запре развојот на таквите системи ако  станат закана за човештвото.

- Нема да продолжиме со развој на систем кој има потенцијал да ни „избега“ - изјави тој додавајќи дека таков пристап треба да биде универзален и очигледен.

Сулејман му се придружи на „Мајкрософт“ во почетокот на минатата година, по аквизицијата на интелектуалната сопственост и голем дел од тимот на неговиот стартап „Инфлекшн ВИ“. Со тоа, „Мајкрософт“, кој дотогаш во голема мера се потпираше на партнерството со „Опен АИ“, му додели задача на Сулејман да создава производи кои можат да им конкурираат на најдобрите на пазарот.

Сè до октомври и редефинирањето на односите со „Опен АИ“, работата на Сулејман беше ограничена со клаузули кои на „Мајкрософт“ му забрануваа развој на вештачка општа интелигенција - систем способен колку човекот или суперинтелигенција, која би ги надминала човечките способности. Според Сулејман, „Мајкрософт“ се откажа од тие права во замена за пристап до најновите производи на „Опен АИ“, што беше само дел од партнерството во кое „Мајкрософт“ со години градеше и опремуваше центри на податоци за својот партнер.

Промени на сцената за ВИ

- Сега тие имаат договори со „Софтбанк“ и „Оракл“ за да изградат повеќе центри на податоци. Во замена, ние добивме право да развиваме сопствена вештачка интелигенција - вели Сулејман. Ова за „Мајкрософт“ претставува значаен пресврт.

- Во последните 18 месеци развивавме ВИ за општа намена, но сега можеме да работиме на техники и методологии кои имаат потенцијал да ги надминат човечките перформанси во сите задачи - додава тој и го најави својот „поход“ кон суперинтелигенцијата, нагласувајќи дека таквите системи ќе бидат успешни само ако се дизајнирани да му служат на човештвото. Иако многу големи играчи, вклучувајќи ги „Опен АИ“ и „Антропик“ истакнуваат слични цели, Сулејман верува дека пристапот на „Мајкрософт“ е уникатен.

Сепак, тој се воздржа од коментари за конкуренцијата.

- Секој мора да одлучи за што се залага и како работи. Не сакам да судам како тие моментално работат - изјави тој додавајќи дека засега не гледа докази за масовна штета од големи размери.

Извор: Bug.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот