X
 16.01.2016 Живот

Дали сте предодредени за големи достигнувања?

Сигурно голем дел од нас си поставивме оваа година помали или поголеми цели. Исто така, сите имаме некоја стратегија како ќе го оствариме тоа, но на крајот сепак само мал дел ќе успеат во остварување на своите замислени планови. Зошто е тоа така? Дали мислите дека некој е повеќе предодреден за успеси а некој не помалку?!


Големите достигнувања се помалку поврзани со генетиката, а повеќе со вашите ритуали! Робин Шарма (мотивациски автор) 

Интересна мисла! Може да ја разгледаме од два аспекти.

Од аспект на генетика. Секако дека постои разлика во кодот кај различни луѓе. Некои имаат преференци полесно и поуспешно да се справуваат со предизвиците и да постигнуваат поголеми успеси, во однос на други. Моцарт на 8 годишна возраст ја напишал својата прва симфонија. Тој немал многу време да работи и да ги развива своите вештини. Неговиот природен пакет бил многу силен.

Но, многу поважен е вториот аспект. Дека нашите достигнувања највеќе се поврзани со нашите навики т.е ритуали како што ги вика Шарма. Доколку ние успееме да ги промениме нашите негативни навики и да всадиме позитивни, продуктивни, ние може да постигнеме што и да посакаме. Поуспешните не се ништо понадарени, тие само имаат всадено подобри навики.

А дополнително, доколку ги земеме во предвид и последните научни докази, дека нашите мисли можат да влијаат и да ја променат нашата генетска структура, во тој случај, може да кажеме дека моќта и судбината се во наши раце.

Промена на навиките и истрајност во реализација на нашите цели и желби е многу сериозна и длабока тема на дискусија. Воопшто не е лесно преку неколку реченици да се поттикнеме да ги промениме нашите вкоренети навики. Затоа, јас ќе пробам само низ 3 кратки совети да ви дадам некои насоки кои може да влијаат на вашите ритуали:

1. Соочување со проблемот: менување на ритуалите е проблем. Ние најчесто кога ќе се сретнеме со некој проблем, најдобро што правиме е бараме решение за тој проблем. Но, пред тоа има уште еден чекор. Соочување со проблемот. Набљудување на проблемот (самоанализа). Прво мора да се набљудуваме самите себеси со цел да знаеме од каде потекнуваат некои наши емоции, реакции, ставови, за да знаеме како да регираме соодветно, т.е. кое решение е најдобро за нас. Затоа, копирање на решенија од други, не функционираат подеднакво за сите нас. Диетата на ојле-дојле можеби и не е најдобро решение за нас.

2. Поставувајте помали задачи: голем фактор за нашите неуспеси во остварување на зададените цели е тоа што ги поставуваме многу високо (од понеделник не јадам, престанувам да пушам, ќе бидам подисциплиниран итн.). Почнете со поставување на помали, пореалистично остварливи цели, а потоа зголемувајте ги (нема да пушам од 1 до 3 часот, секој ден ќе читам по 15 мин, ќе вежбам 3 мин. на ден...).

3. Кажете на другите: иако денес е многу лесно да го „скршиме“ зборот што сме го дале, сепак оваа техника е интересна и функционира. Кога ќе кажеме на повеќе луѓе за нашата цел, тогаш чувствуваме некаква (потсвесно) одговорност дека мора да се потрудиме и да издржиме во нашите намери, за да не ги разочараме другите. Ова е една од ситуациите каде што високото его може да биде и корисно.

Со успех во промените,
Петар Лазаров

Tip of the week

Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот