X
 25.04.2019 Технологија

Луѓето што стојат зад „Фортнајт“ работат и по 100 часа неделно

Создавачот на „Фортнајт“, компанијата „Епик гејмс“, наводно се бори да држи чекор со екстремно големиот успех на играта.

Откако играта беше лансирана и откако нејзината популарност експлодира во 2017 година, компанијата го удвои бројот на вработени на цело работно време. Но, неколкумина вработени опишуваат култура на екстремни услови за работа, кои изгледа како да немаат крај.

- Речиси и не спијам. И дома сум нервозен. Немам енергија да излегувам. Добивањето слободен викенд е големо достигнување - вели еден неименуван вработен.

Тој не е единствениот. Има и други вработени, кои во услови на анонимност, опишуваат каква работна атмосфера се крие зад популарната игра.

- Во просек работам по 70 часа неделно. Веројатно има најмалку 50 или 100 луѓе во „Епик“ што работат толку часови. Знам луѓе кои работат и по 100 часа неделно. Компанијата ни дава неограничено слободно време, но речиси е невозможно да се искористи. Ако земам слободни денови, товарот паѓа на други луѓе и никој не сака да биде таков - вели друг вработен.

Од компанијата ги признаваат проблемите.

- Луѓето работат многу напорно на „Фортнајт“ и на други нешта. Екстремните ситуации како 100-часовна работна недела се неверојатно ретки и во тие случаи ние се трудиме веднаш да го поправиме тоа за да избегнеме повторување - истакнува претставник на компанијата.

Од „Епик“ велат и дека платите и бенефитите во компанијата се конкурентни и дека сите вработени учествуваат во великодушна програма за делење на профитот.

Но, вработените велат дека тоа не е доволен мотив за да се одржи напорната брзина на работа.

- Некои пријатели доаѓаат и ми кажуваат дека веќе не можат да издржат. Некои пријатели почнуваат да плачат - објаснува еден вработен.

За жал, ваквите работни услови не се ништо ново во светот на развој на видеоигри.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија