X
 05.02.2016 Образование

Како да изберете безбедна играчка за детето?



Му купивте на детето нова играчка. Шарена е, впечатлива, многу сака да си игра со неа и постојано му е во рацете. Но, дали некогаш сте се запрашале дали истата е безбедна? Како што водите грижа за тоа каква храна јаде вашето дете, исто толку внимание треба да посветите и на контролата на играчките кои вие или другите му ги купуваат. Одвреме навреме во медиумите ќе проструи информација за пронајдена небезбедна супстанца во некоја играчка, како на пример последниот случај со куклата Маша која беше повлечена од продажба во Црна Гора. Но, не секогаш институциите може да исконтролираат што сé се нуди на пазарот, па затоа важно е и вие да ги препознатете опасностите и да не купите играчки со сомнителен квалитет и од непознато потекло.

Што значи безбедна играчка и на што треба да обрнете внимание кога ги купувате?, пишува во прирачникот подготвен од Организацијата на потрошувачите на Македонија. Еве дел од предупредувањата:

* Играчките за бебињата не треба да се разделуваат на повеќе делови. Внимавајте, на секоја играчка треба да пишува за која возраст е наменета. Ако пишува над три годишна возраст, веројатно има ситни делови кои вие можеби не ги гледате. Мало дете може да се задуши од ситните делови. Ако имате деца на различна возраст, не им ги мешајте играчките и држете ги во посебни кутии.

* Избегнувајте играчки со остри рабови. Опасни се и играчките со јажиња и врвки. Детето нека си игра само под надзор, а никако не смее да спие со таква играчка.

* Кога е во прашање материјалот, битни се повеќе својства. Материјалот треба да е оптпорен на удар. Играчката не треба лесно да се крши, посебно кога станува збор за бебешките тропалки. Внимавајте на додатоците како очи, уши, копченца. Треба да се добро зашиени или залепени. Избегнувајте ткаенини на кои им паѓаат влакната.

* Имајте предвид што сé спаѓа во групата на играчки. Петарди, пиштоли со зрна, разни цевчиња исполнети со неиспитани флуоресцентни течности не се играчки.

* Знакот CE не претставува знак за квалитет, ниту како таков означува гаранција за безбедноста на играчките. Оваа ознака е воведена од страна на Европската Унија и означува дека играчката е произведена според добро дефинирани стандарди за намалување на физичките, хемиските, електричните и здравствените ризици. Како и да е, оваа ознака само применува некои од безбедносните аспекти во врска со нормалната употреба и ракување со играчката и не претставува индикатор за квалитет.

* Добро погледнете го хемискиот состав на сетовите играчки за експерименти, за сликање кои содржат бои, работилници за керамика. Тие треба да содржат предупредување за опасната природа на овие супстанци како и мерките за претпазливост кои треба да ги преземе корисникот.

* Боите кои се користат за бојосување на играчките треба да се цврто залепени на подлогата на играчката, треба да се без мирис и не треба да се симнуваат под дејство на пот и плунка, како и при триење од памучна крпа, миење со вода или дезинфицирање.

* Играчките за деца до една година треба да бидат изработени од материјал кој може да се дезинфизира, односно изврие, а да не ја промени формата или бојата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование