X
 01.04.2016 Култура

Одржано 15-то Бизнис кафе во Скопје

Се одржа и 15-то Бизнис кафе во Македонија. Настанот се одржува веќе три години, а во овој период стана препознатлив за сите менаџери, бизнисмени, директори, лидери, но и млади луѓе кои се на своите почетоци од кариерата. Гости беа Ира Стефанов Бабиќ, ко–сопственик и директор на „Brand Union“; Мартина Димоска, најдобар македонски студент, најмлад иновативен научник и најмлад НАСА ментор за 2015; Филип Ачкоски, регионален менаџер за Македонија, Бугарија, Албанија и Косово во хрватската фармацевтска компанија „PharmaS“ и Пеце Ацев, водител и PR, ко-основач на „Рековинст АБ“.



Од Ира дознавме дека идејата за отворање на агенцијата дошла природно. Таа е во маркетинг секторот од 2001 година, а во 2008 за првпат ја работела првата фејсбук-страна за компанија, кога не постоеле ни фан-страници. Сите трендови тогаш покажувале дека маркетингот се движи кон таа насока. Оттогаш почнала сериозно да размислува на темата. Во 2012 се случила спојка на повеќе луѓе заинтересирани во дигиталниот маркетинг и ја основале „Brand union“, открива таа. Она што било клучно за брзиот раст од 2012 досега бил пристапот кој тимот го имал во работата. 


- Навистина со голема љубов доаѓаме на работа и со голема љубов го работиме сето тоа што го правиме на дневна основа затоа што нашата работа не завршува во 5 иако работното време ни е тоа, меѓутоа работиме 24/7 затоа што онлајн-комуникацијата е нешто што постојано се случува.


Пеце Ацев е водител и еден од основачите на „Рековинст АБ“. Тој живее и работи во Хрватска веќе 18 месеци. Тoj ја претстави апликацијата „Рековинст“, во која сите корисници се натпреваруваат за награди финансирани од огласите на клиентите. Апликацијата прво била пласирана на скандинавскиот пазар, но сега ја имаме и во Македонија. Апликацијата има и хуманитарна страна и тие се едни од ретките во Шведска коишто работат на тој принцип. Голем дел од профитот остварен во Шведска е дониран во разни организации за борба против ракот, особено кај децата. Во моментов, се преговара со македонски организации за таква соработка и овде.

- Сакаме да порачаме дека со „Рековинст“ не само што добива клиентот, добиваат и корисниците, а добива и целото општество преку таа хумана страна на нашата апликација.


Мартина Димовска (22) е студентка на Технолошко-Металуршкиот факултет при УКИМ. За време на нејзиното претставување на Бизнис кафе, дознавме повеќе за нејзините награди, но и за нејзините мотиви и амбиции. 

Во сите тие натпревари, клучен фактор било тоа што тимовите на Мартина секаде биле најмлади. На секој од натпреварите, Мартина смета дека имале „предност што жирито било интернационално, со оглед на тоа што постоела доза на скептицизам при секое пријавување бидејќи нивните идеи изгледале необично овде“, вели таа.

- Она што сакам да ги советувам младите е да бидат постојани во она што го работат и да ја насочат својата кариера во насока на своите цели. 

Она што следува за Мартина е пракса во ЦЕРН, како и семестар на американски универзитет, за што добила стипендија.


Филип Ачковски е регионален менаџер за Косово, Бугарија, Македонија и Албанија во хрватската фармацевтска компанија „Pharma S“. Иако овие земји се соседни и за нив се смета дека во нив преовладува истиот менталитет, за Ачковски тоа е стереотип. Менталитетот е различен во сфаќање на бизнисот, смета тој. Во текот на неговата работа, стратегиите се модифицираат и прилагодуваат на локалниот пазар, со што им помага локален човек од кој учат тие.

„Pharma S“ е негова трета компанија, па со искуството прави и помалку грешки, но кога почнувал ситуацијата била поинаква. Имено, тој ни откри дека кога почнувал, клучна грешка му била тоа што се обидувал да ја добие секоја битка, независно на цената. Тоа не се исплати, вели тој.


- Некогаш е подобро да се стигне до целта по заобиколниот пат. Не е важно дали ти знаеш, можеш и си во право. Туку едноставно треба да знаеш како, кога, колку да се вложи и како да се процени, да се премери и тоа е нешто што го даваат 10-15 години работно искуство и промена на средини.

Во рамки на тоа, тој ги советува младите да променат повеќе компании бидејќи тоа ќе им донесе богатство.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура