X
 15.06.2016 Култура

Започнува Францускиот филмски фестивал!

Денес со филмот „Патот за Истанбул“ (2016) на режисерот Рашид Бушареб, во кино „Милениум“, во ГТЦ со почеток во 20:30 часот свечено ќе се отвори деветтиот по ред Француски филмски фестивал. На отворањето публиката ќе ја има честа да ја запознае главната протагонистка од филмското остварување Астрид Ветнал.



Овој фестивал се одржува во организација на Францускиот институт во Скопје, со поддршка на Министерството за култура на Македонија, Регионот Нормандија, Охридска банка-Сосиете Женерал, Публицис, F.A.M.E.S, Младинскиот културен центар, Националната агенција за филм, Публицис, Градот Охрид, Центарот за култура во Охрид и Пежо.

Фестивалот оваа година ќе се одржи од 15-ти до 18-ти јуни, а програмата ќе се реализира во Скопје и во Охрид.

Предвидено е да се прикажат 8 долгометражни филмови, а фестивалските денови ќе бидат свечено затворени во Охрид со проекција на филмот „Судија“(2015), филмско остварување на режисерот Кристијан Венсан, кој ќе биде исто така почесен гостин.

Традиционално, покрај филмската програма организаторите се потрудија и оваа година да остварат средби и дискусии со годинешните гости-учесници на филмските остварувања и тоа: Кристијан Венсан (режисер), Астрид Ветнал (актерка), Нино Роше (актер), г-ѓа Одре Бијар, директорка на фестивалот Off-Courts и г-ѓа Анук Ледерле, координатор на проектот за мини-видеа.

„Ми претставува задоволство да го најавиме деветото издание на реномираниот Француски филмски фестивал на кој ќе се прикажат најновите остварувања од француската кинематографија. Овој фестивал е настан кој оправдано со нетрпение го чекаме. Годинава за отворањето е резервиран провокативниот филм со многу актуелна содржина од француско-алжирскиот режисер Рашид Бушареб. Се надевам и оваа година како и останатите ќе имаме богати фестивалски денови исполнети со многу публика и дружење“, изјави минстерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на денешната прес конференција.

„Среќна сум што по четври пат ја имам честа да бидам дел од овој фестивал кој создаде своја традиција опстојуваќи уште од 2008 година. Во текот на четирите фестивалски дена во Скопје и Охрид ќе ја имаме честа да ја вкусиме магијата на француските филмови кои оставија вистински печат минатата, ни и оваа година. При слекцијата на филмовите главниот репер ни беа престижните награди со кои се закитија овие филмови. Оваа година чест ми е да ја најавам и соработката со Францускиот национален филмски центар кој ќе оствари средби со македонските филмски работници со цел да се реализира некоја идна соработка што всушност е и една од целите на овој фестивал, спојување на двете култури и продлабочување на нивната соработка“, изјави Г-ѓа Лоранс Оер, Амбасадорка на Франција во Македонија.

Оваа година во соработка регионот Нормандија ќе биде организиран и натпревар на кратки видеа, каде лауреатот ќе ја има честа да биде дел од еднонеделниот престој во Нормандија на фестивалот за краткометражни филмови „Off-Courts“.

Францускиот филмски фестивал претставува престижна француско-македонска манифестација и е значајна за македонската кинематографија, бидејќи дава можност да се зацврстат темелите на идната соработка меѓу францускиот и македонскиот филм, да се отворат нови можности за размена на уметници, продуценти, режисери, размена на искуства со земја која претставува лидер во европската кинематографија.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура