X
 26.07.2016 Живот

Македонците летниот одмор го исплаќаат цела следна година

Малкумина во земјава решаваат да се задолжат со кредит во банките за да одат на одмор и наместо тоа, мнозинството го плаќаат одморот во готово, со картички на неколку рати или го „цедат“ дозволениот минус на сметките до крај.



Малкумина во земјава решаваат да се задолжат со кредит во банките за да одат на одмор. Иако дел од комерцијалните банки нудат наменски туристички кредити наменети за аранжмани за летување, на прсти може да се избројат тие што аплицирале за нив. Високите камати, но и процедурите за одобрување ги одвраќаат граѓаните од идејата да летуваат на кредит. Наместо тоа, мнозинството го плаќаат одморот во готово, со картички на неколку рати или го „цедат“ дозволениот минус на сметките до крај.

Една од банките која што нуди ваков кредит е НЛБ Банка, која што дава можност за одобрување на потрошувачки кредит кој може да се искористи и за плаќање на туристички аранжмани. Сепак, од банката велат дека клиентите поретко се одлучуваат за наменски кредити со конкретна намена –летување, а кога ќе се одлучат за такво нешто обично станува збор за патување на подалечни дестинации или за поскапи аранжмани.

- Во периодите на годишни одмори, зачестени се барањата за потрошувачки кредити кои се наменети за плаќање на туристичките аранжмани, но сепак не може да се каже дека постои голем интерес за истите. Вообичаено, клиентите во летните периоди аплицираат за ненаменски кредити, кои ги искористуваат повеќенаменски –најчесто за реновирање, уредување на дом, купување техничка роба и меѓу другото и за летување – велат од НЛБ Банка.

Некои банки нудеа ваков тип кредити изминатите години, но поради малиот интерес одлучија да ги укинат. Наменските туристички кредити ги заменија со ненаменски потрошувачки, за кои велат дека се многу побарани.

Стопанска банка АД Скопје не нуди наменски туристички кредит, но за таа можност нуди ненаменски потрошувачки кредити до 15.000 евра. Дел од овие кредити, велат од Стопанска банка, се достапни и во туристичките агенции. Оттаму објаснуваат дека многу ретко некој клиент зема кредит само за да го плати летувањето.

- Летниот период не ги опфаќа само планираните летни одмори, туку и планираните реновирања и опремувања на домот и можеби затоа клиентите комбинираат со еден кредит повеќе потреби. Секако, Банката токму во овој период им излегува на клиентите во пресрет со намалени трошоци и каматни стапки гарантирани за првата година од користење. Во моментов, потрошувачкиот кредит е со гарантирана каматна стапка за првата година од само 6% и без административни трошоци при аплицирање во некоја од филијалите на Банката – велат од Стопанска банка АД Скопје. Искуството на банките покажува дека граѓаните најчесто за плаќање на летните аранжмани ги користат дебитните или кредитните картички.

- Со оглед на тоа што за потрошувачките кредити клиентите можат да поднесат барање и во дел од туристичките агенции, а во исто време летувањето може да го платат со кредитна картичка на рати без камата. Изборот е широк и клиентите сами избираат како ќе го финансираат своето летување. Секако, кредитните картички им се дополнително на располагање и за време на летниот одмор каде интензивно ги користат и избегнуваат ризик да носат со себе поголеми износи готовина – велат од Стопанска банка АД Скопје.

И во туристичките агенции потврдуваат дека малкумина летуваат на кредит, а се повеќе има луѓе кои што бараат да го платат одморот на рати.

- Соработуваме со повеќе банки доколку има потреба, но граѓаните ретко пројавуваат интерес за туристички кредит. Дел бараат одложено плаќање на рати со кредитна картичка без камата, но тоа може да се обезбди само за одредени аранжмани, не за сите. Денес луѓето порано го планираат буџетот за одмор и се подготвуваат, така што повеќето плаќаат во готово или па до крај го искористуваат дозволениот минус на дебитните картички – велат вработени во туристичките агенции.

Според последните податоци од Народната банка на Македонија (НБМ), кредитното задолжување на граѓаните и фирмите во земјава во јуни изнесувало околу 4,46 милијарди евра. Во мај, пак, оваа бројка била 4,55 милијарди евра. Кај населението најголем дел од земените кредити се потрошувачки, по што следат станбените заедно со долговите на кредитните картички и минусните салда на тековните сметки.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот