Каратето официјално стана рамноправен спорт во Олимписките игри. На 129 седница на Меѓународниот олимписки комитет во Рио де Жанеиро вчера беше одлучено дека каратето предводено од Светската карате федерација (WKF) е примено како рамноправен член во олимпиското семејство на Олимписките игри во Токио во 2020 година и ќе биде дел од натпреварувачката програма.
- Се оствари сонот на сите каратисти. Ова е голем ден и радост за сите каратисти во светот, на членовите на националните федерации и на Светската карате федерација. А ги има десетици милиони во светот. Секако ова е голема можност за Македонија и за македонските млади каратисти да изборат пласман за настап на следната олимпијада во Токио во 2020 година. Ќе биде многу тешко, но возможно, а за тоа зборуваат и резултатите од досегашните светски и европски првенства - вели Златко Димоски, тренер на државната репрезентација.
Каратистите ќе настапат во две дисциплини: ката и кумите, во три категории (мажи и жени по 10 во секоја категорија). Тоа се вкупно 60 каратисти кои ќе изборат норма, која наскоро ќе биде дополнително објавена.