X
 07.10.2016 Образование

Кривични пријави за професорите од Економски факултет

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против петтемина професори и асистент од Економскиот факултет кои беа осомничени за корупција во случајот „Еразмус“. Запрена е истражната постапка за професосрот Т.Ф. поради немање на докази дека го сторил кривичното дело.



- По сеопфатно спроведената истражна постапка и доказите во предметот, надлежниот јавен обвинител од денеска до Основниот суд Скопје 1 поднесе обвинителен акт против шестмина осомничени во предметот „Еразмус“. Осомничените во повеќе наврати во подолг временски период, односно во 2015 и 2016 година како вработени на Економскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, ја искористиле својата положба и ги сториле кривичните дела - велат од Обвинителството.

Професорите Б.Ш. и С.Р. се товарат за сторено кривично дело примање поткуп од член 357 став1, Д.Ј. е обвинет дека сторил две кривични дела: примање поткуп од член 357 став1 и примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 2од Кривичниот законик. Обвинетите Љ.Ј. и С.Д. се товарат за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 1. Со обвинителниот акт се обвинува и лицето Д.Д. за три кривични дела давање поткуп од член 358 став 1.

Инаку, неофицијално, станува збор за професорите Бобек Шуклев, Славе Ристовски, Драги Јанев, Љубиша Јаневски и Стојан Дебарлиев, како и асистентот Драган Денковски, а запрена е постапката против професорот Таки Фити.

Акцијата „Еразмус“ беше спроведена на 6 јуни годинава на Економскиот факултет. Осомничените биле следени две години со посебни истражни мерки, а некои од сведоците се и студенти. Акцијата се одвиваше со силно полициско обезбедување, на паркингот кај комплексот факултети, после сигурна дојава дека ќе се случи примопредавање на поткуп, односно кога еден од осомничените примил мито од 1.000 евра - обележани пари. По приведувањето на осомничените обвинителството предложи мерка притвор, но подоцна беше поднесен нов предлог, па судот тогаш на петмина од осомничените им наложи да се јавуваат во судот, а им беа одземени и патните исправи.

Основниот суд Скопје 1 на четворицата професори од Економскиот факултет осомничени за корупција им издаде забрана да држат предавања и да вршат други работни активности поврзани со кривичното дело за кое се товарат.
Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование