X
 02.12.2016 Култура

Без зборови и без здив нѐ остави Ксенија Сидорова


 
Мотото на Македонската филхармонија - „Без зборови“ на синоќешниот концерт си беше целосно оправдано по настапот на латвиската хармоникашка Ксенија Сидорова. Вистинска модерна самовила на нежниот инструмент, со топла словенска душа и насмевка што не ја тргна од лицето, сведочеше публиката што го преполни гледалиштето. Благодат беше да се биде присутен на првата средба на Сидорова со македонската публика, која ѝ подари спомен што долго ќе го памети. Бравурозно го интерпретира делото „Аконкагва“ на Астор Пјацола, кое првпат се изведува кај нас, а на публиката, која нејќеше да ја пушти да си оди, ѝ подари два биса, од кои едниот – популарното „Либертанго“ на Пјацола. А за убавината на Сидорова, само на едно би се повикала – кога давале боговите, малку се подзаборавиле!



Воздишки и аплаузи и за нашиот оркестар. Како се одбројуваат концертите од новата сезона, на секој нареден ни приредува пријатни изненадувања, покажувајќи дека расте со секој нов настап. Воден овој пат од енергичниот руски диригент Даниел Рајскин, уште во воведот на концертот ни најави дека ќе нè очекува специјална вечер. Македонска праизведба доживеа делото „На бреговите на реката Сент Мориц“ на канадскиот автор Жак Ети, а во втората половина на концертот беше изведена егзотичната симфониска етида „Шехерезада“ од Николај Римски Корсаков. На концертот присуствуваше и претстедателот Ѓорѓе Иванов со својата сопруга, Маја Иванова.

Сè на сѐ, присуствувавме на вечер на катарза! Длабок наклон за Македонската филхармонија!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура