X
 22.12.2016 Живот

Седмооделенецот Андреј има златни раце, прави лампиони од хартија


 
Златните раце на седмооделенецот Андреј Стојановски создаваат лампиони и новогодишни украси кои се празник за очи. Шарени бастунчиња, ѕвезди, шарени цветови секојдневно се раѓаат од „работилницата“ на Андреј. Тој има само 12 години, учи во основното училиште “Димо Хаџи Димов“ во Скопје, а иако оригами техниката ја научил оваа година, за кратко време станал многу вешт. Вакви лампиони првпат видел кај неговата роднина Маја која има изработено десетици модели на лампиони, новогодишни елки, ѕвезди и други украси. И сега најмногу учи од неа, бидејќи таа прави чуда од хартија.

- Првиот лампион што го направив беше црвено -зелено-бело бастунче. Лесно го направив бидејќи исти такви лижавчиња ставам и на елката. Кога видов на интернет како се прават ѕвезди со триаголници се обидов и тие супер испаднаа. Кога моите дома го видоа првото бастунче сите прашаа: „'Ти го направи ? '' а уште повеќе се чудеа за ѕвездата од триаголничиња. Мајка ми не ми веруваше кога и реков дека ѕвездите ќе бидат моите најубави лампиони. Најтешко ги правам топките бидејки во нив има повеќе од 20 листа хартија и 72 цветни ливчиња - раскажува Андреј.



Тој лампионите ги прави од специјална хартија, а најдобро се изработуваат од хартија од ориз.

- Маја ми донесе хартија од Јапонија, а таква ми пратија и братучетките од Бостон. Најубаво и најлесно ми е кога работам со хартија од ориз, бидејќи лесно се витка и сече. Пробав да работам и со подебели листови хартија, но тие не се виткаат и фигурите не се такви какви што ги гледам на интернет. Користам и лепак, монистри, ленти во боја и сè што е добро за декорација на лампионите.

На Андреј оригамито му е главно хоби пред празниците Велигден и Нова година. Понекогаш успева да продаде некој лампион.



- Ако некој посака да купи мој лампион јас сум многу среќен бидејќи знам дека сум ги заработил со свој труд. Со тие пари најчесто си купувам нова хартија, а уште поубаво е кога со тие мои пари одам во Синеплекс или на лизгалиште со другарите - вели тој.

Добро би било кога во македонските училишта повеќе време би се посветувало и на креативноста на учениците. Адреј вели дека на часовите по вештини учат како да готват, но не би било лошо да прават и оригами.

- Така ќе можев да го исполнам ветувањето на наставничката по техничко. Цело одделение ќе ми помогнеше да направиме бастунчиња за украсување на училиштето - вели тој.







Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот