X
 16.02.2024 Наука

Поларните мечки се изложени на ризик од глад поради климатските промени

Поларните мечки во канадскиот залив Хадсон се изложени на ризик од глад бидејќи климатските промени предизвикуваат подолги периоди без мраз на Арктичкото Море.

Поларните мечки го користат мразот што се протега низ површината на Арктикот за време на постудените месеци за да фатат плен.

За време на потоплите месеци, кога морскиот мраз се повлекува, од нив се очекува да штедат енергија, па дури и да одат во состојба слична на хибернација.

Но, поради климатските промени предизвикани од човечката активност, периодот без мраз е подолг во делови од Арктикот, а областа околу Северниот Пол се загрева два до четирипати побрзо од остатокот од светот. Сето ова ги принудува поларните мечки да поминуваат сè повеќе време на копно.

Следењето и анализата на 20 поларни мечки во заливот Хадсон покажува дека иако тие остануваат сè подолго без ледената површина на океанот и потешко доаѓаат до вообичаениот плен, не се откажуваат, туку упорно се обидуваат да најдат храна.

- Поларните мечки се креативни, снаодливи и ако се мотивирани, ќе ја пребаруваат околината за да преживеат и ќе најдат извор на храна за да ги компензираат потребите за енергија - вели Ентони Панго, главен автор на истражувањето и биолог од Геолошкиот институт на САД.

Научниците користеле видеокамери и ГПС-ремчиња за да ги следат мечките во период од три години во западниот дел на заливот Хадсон, каде што периодот без мраз бил прологиран за три недели. Тоа значи дека во текот на последната деценија поларните мечки поминале приближно 130 дена на копно.

Две мечки од набљудуваната група останале да мируваат и ја намалиле потрошувачката на енергија до ниво на хибернација, додека другите останале активни. Некои од мечките јаделе трева, шумски плодови, галеби, глодачи, па дури и трупови од фоки. Три мечки пливале многу долго, а една од нив поминала растојание од 175 километри.

На крајот научниците откриле дека нивните напори да се хранат и да се одржат на копно не им дозволиле да добијат доволно калории. Научниците предупредуваат дека колку подолго остануваат на копно, толку е поголем ризикот од гладување.

Во дивината останаа околу 25.000 поларни мечки и тие се загрозени најмногу поради климатските промени, кои ги спречуваат да се хранат со својот вообичаен плен.

Извор: Abcnews.go
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука