X
 16.02.2026 Живот

Необична маршрута: Со автомобили преку замрзнато море, без врзување појаси и со точно одредена брзина

Температурите во Северна Европа се толку ниски, што граѓаните на Естонија сега можат да возат 20 километри преку замрзнатото море што ги поврзува двата главни острови на земјата.

Таканаречениот „леден пат“, кој ги поврзува островите Сарема и Хију, сместени на западот на Естонија, меѓу Балтичкото Море и Ришкиот Залив, официјално беше отворен во неделата, а попладнето низ него се движеше колона од автомобили.

Властите одлучија да го отворат „ледениот пат“ откако локалното население спонтано започнало да вози преку замрзнатото море, изложувајќи се на сериозни ризици.

Траектите имаа проблеми да одржат редовен сообраќај по морето по повеќенеделните температури кои паѓаа до минус 10 Целзиусови степени.

Луѓето што живеат на помалиот остров Хију, кој има 9.000 жители, патуваат кон Сарема, каде што живеат 31.000 жители, за купување или за да ги однесат децата на училиште.

Доаѓањето на поголемиот остров, исто така, обезбедува врска со копнениот дел на Естонија.

Иако отворањето на „ледениот пат“ произлезе од потреба, градоначалникот на Хију, Херго Тасуја, вели дека тоа е и дел од нивната култура.

- Генерации и генерации мештани што живеат овде, особено оние блиску до морето, пливаат и користат чамци летно време. А во текот на зимата во крвта им е да одат на море и да излегуваат на мраз - рече Тасуја.

„Ледениот пат“ е обележан коридор на замрзнатото море каде што експертите утврдиле дека мразот е доволно дебел за да ја издржи тежината на автомобилите.

Сепак, подготовката на патот не е лесна, изјави Марек Копел, надзорник на одржување на патишта во компанијата „Верстон ести“, естонска градежна фирма задолжена за изградба и управување со „ледениот пат“. 

Работниците мора да ја мерат дебелината на мразот на секои 100 метри за да ги утврдат областите со повеќе од 24 сантиметри мраз, што е минимално потребно за безбедност. Исто така, ги израмнуваат нерамниот мраз и пукнатините. Временските услови и цврстината на мразот постојано се следат, а маршрутата се менува според тоа.

 

Возилото не смее да биде потешко од 2,5 тони и мора да се движи со брзина помала од 20 километри на час или меѓу 40 и 70 километри на час. Сè друго може да создаде вибрации кои го оштетуваат мразот.

Автомобилите не смеат да застануваат и мора да одржуваат безбедно растојание еден од друг. Патниците не смеат да носат безбедносни појаси, а вратите мора да се отвораат лесно за брз излез во случај на несреќа.

- Патот беше прилично добар, лесно се возеше - вели Алексeј Уливанов, кој живее во близина на Талин и патувал кон островите за да им покаже на своите деца дека е возможно да се вози автомобил преку морето.

Според Тасуја, „ледениот пат“ последен пат бил користен за поврзување на островите пред околу осум години. Потоа зимите биле премногу топли.

Градежната компанија „Верстон“ соопшти дека властите ги ангажирале да отворат уште два ледени патишта оваа недела, овој пат поврзувајќи го копнениот дел на Естонија со два помали острови.

Извор: 021.rs
Фото: Screenshot (Youtube/Times New World)
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот