X
 16.05.2019 Наука

НАСА ќе испрати жена-астронаут на Месечината во 2024 година

Само 12 луѓе досега патувале до најсветлиот објект на нашето ноќно небо - Месечината. И сите астронаути што патувале биле мажи.
Ако првата мисија беше мал чекор за човекот, тогаш следната ќе биде огромен скок за жените.

На почетокот од оваа недела НАСА објави забрзан и амбициозен план за враќање на Месечината во период од пет години. Овој пат вселенската агенција сака да направи камп, а за да стигне таму, се одлучи за сосема поинаков пристап од мисиите „Аполо“.

За почеток на мисијата во 2024 година едно место ќе биде специјално резервирано за жена, првата што некогаш ќе стапне на Месечината. Самата програма ѝ оддава почест на родовата еднаквост со тоа што ќе се вика „Артемида“, по грчката божица и сестра близначка на Аполо.

nasa
Фото: NASA


- 50 години по Аполо, програмата „Артемида“ ќе ги однесе наредниот маж и првата жена на Месечината - изјавија од НАСА.

Симболично или не, ова ќе биде првпат една жена да стапне на површината на природниот сателит на Земјата.

Сепак, некои остануваат скептични дека мисијата воопшто ќе се случи. Мисијата е доста амбициозна, временската рамка се граничи со нереалност, особено кога ќе се земе предвид дека Конгресот допрва треба да го потпише надградениот буџет на претседателот Трамп, што вклучува дополнителни 1,6 милијарда долари за агенцијата оваа година, а веројатно и милијарди долари секоја година.

Покрај основното финансирање, мисијата ќе бара и најмоќна ракета некогаш дизајнирана, нов систем за лансирање, нов приод кон системите за слетувања, лебдечка станица меѓу Земјата и Месечината што моментално не постои и нови костими за сите. Но, шефот на НАСА смета дека кратката временска рамка е во нивна полза и вели дека одложувањето на целта всушност е поризична алтернатива.

- Во суштина, колку е пократка програмата, толку помалку време е потребно и помалку сме изложени на политички ризик - вели тој.

- Луѓето се најкршливиот елемент во целиот овој стремеж, а сепак одиме за нив - се вели во видеото на НАСА.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука