Ковид-19 предизвика да се намали просечниот животен век на луѓето за околу 2 години во текот на првите две години од пандемијата, што е подраматичен пад отколку што се сметаше, велат научниците од Американскиот институт за здравствена метрика и евалуација.
Пандемијата на ковид-19 има поголемо влијание од кој било настан во последниот половина век
Според истражувачите, намалувањето на животниот век на човекот за 1,6 години претставува остар пресврт во поглед на повеќедецениското зголемување на очекуваниот животен век во светот.
- За возрасните, пандемијата на ковид-19 имаше поголемо влијание од кој било настан забележан во последниот половина век, вклучувајќи воени конфликти и природни катастрофи - вели Остин Шумахер, истражувач од Институтот за здравствена метрика и евалуација и главен автор на студијата објавена во списанието „Лансет“.
- Во текот на 2020 и 2021 година очекуваниот животен век се намалил во 84 отсто од анализираните 204 земји и територии, покажувајќи ги разорните потенцијални влијанија на новите вируси - се вели во соопштението на истражувачкиот тим од институтот.
Стапката на смртност кај луѓето постари од 15 години се зголемила за 22 отсто кај мажите и 17 отсто кај жените во овој период, проценуваат истражувачите. Мексико Сити, Перу и Боливија се дел од дестинациите каде што очекуваниот животен век најмногу е намален.
Добрата вест е дека има долгорочен пад на смртноста кај децата
Но, има и некои добри вести во процените на студијата на институтот. Помалку од половина милион деца на возраст под пет години починале во 2021 година отколку во 2019 година, што го продолжува долгорочниот пад на смртноста кај децата.
Истражувачот Хмве Хмве Кју го поздравил овој „неверојатен напредок“, велејќи дека светот сега треба да се фокусира на следната пандемија и да се справи со огромните разлики во здравјето меѓу земјите. И покрај неуспесите за време на пандемијата, луѓето сè уште живеат многу подолго од порано. Помеѓу 1950 и 2021 година просечниот животен век се зголемил за 23 години, од 49 на 72, потсетуваат истражувачите.
Милион повеќе смртни случаи отколку што проценила СЗО
Ковид-19 е одговорен за 15,9 милиони повеќе смртни случаи во периодот од 2020 до 2021 година, без разлика дали е директна последица на вирусот САРС-КоВ-2 или индиректна, поради нарушувања поврзани со пандемијата, проценуваат истражувачите. Тоа е милион повеќе смртни случаи отколку што претходно проценуваше Светската здравствена организација. Вишокот смртни случаи се пресметува со споредување на вкупниот број смртни случаи, со она што би се очекувало доколку би немало пандемија.
Барбадос, Нов Зеланд, Антигва и Барбуда се меѓу земјите со најниски стапки на вишок смртни случаи за време на пандемијата, делумно одразувајќи како изолираните острови честопати беа поштедени од целиот товар од пандемијата. Студијата, исто така, покажала дека населението на многу постари, побогати земји почнало да се намалува, а прекумерните смртни случаи се зголемуваат и во помалку богатите земји.
- Оваа динамика ќе доведе до невидени социјални, економски и политички предизвици, како што е недостигот на работна сила во областите каде што помладата популација се намалува и недостигот на ресурси на места каде што населението продолжува брзо да се шири. Народите ќе мора да соработуваат за доброволна емиграција - предупредува Остин Шумахер.
Извор: Eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik