X
 16.07.2025 Технологија

Закерберг инвестира стотици милијарди долари во центри за податоци со вештачка интелигенција поголеми од Менхетен

Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, објави дека компанијата ќе инвестира стотици милијарди долари во изградба на масивни центри за податоци за вештачка интелигенција (ВИ) во Соединетите Американски Држави за да го поддржи развојот на технологијата што ја нарекува „суперинтелигенција“.

Првиот таков центар од повеќе гигавати, наречен „Прометеј“, е предвидено да се отвори во 2026 година и ќе биде сместен во Њу Албани, Охајо. Вториот, „Хиперион“, е планиран за Луизијана и треба да достигне полн капацитет до 2030 година.

- Градиме неколку гигантски кластери, а само еден од нив зафаќа површина со големина на Менхетен - напишал Закерберг на социјалната мрежа „Тредс“, додавајќи дека центрите добиле имиња што ја одразуваат нивната големина и влијание.

Трката за суперинтелигенција

„Мета“ инвестира во вештачка интелигенција со години, а сега објавува планови за таканаречена суперинтелигенција - технологија за која верува дека ќе може да ги надмине можностите на најспособните. Компанијата, која минатата година оствари приходи од над 160 милијарди долари, најголемиот дел од своите пари ги заработува од онлајн рекламирање, но ја гледа вештачката интелигенција како клучна технологија на иднината.

Карл Фројнд, главен аналитичар во „Камбриан АИ рисрч“, верува дека Закерберг е решен да преземе водечка улога во индустријата за вештачка интелигенција.


- Тој очигледно сака да стигне до врвот на индустријата за вештачка интелигенција со невидени инвестиции. Луѓето што ќе ги вработи ќе имаат пристап до најдобриот хардвер за вештачка интелигенција во светот - изјавил Фројнд.

За да го постигне ова, Закерберг составил врвен тим за вештачка интелигенција од луѓе од „Опен-АИ“ и „Гугл“.

Центрите за податоци за вештачка интелигенција трошат огромни количини енергија и вода. Според една студија, ваквите објекти би можеле да потрошат дури 1,7 трилиони галони вода глобално до 2027 година. За илустрација, само едно барање за вештачка интелигенција - како што е поставувањето прашање на „Чет-ГПТ“ - троши количина на вода колку мало шише.

Денес, низ целиот свет постојат најмалку 10.000 центри за податоци кои складираат податоци во облак или далечински сервери за складирање и обработка на дигитални податоци. Најголемиот број од нив се наоѓаат во САД, Велика Британија и Германија. По објавата на Закерберг, акциите на „Мета“ пораснаа за еден процент, а од почетокот на годината бележат пораст од повеќе од 20 проценти, според Ројтерс.

Извор: tportal.hr

Фото: Facebook/Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија