X
 16.09.2025 Живот

Човечкото тело едноставно не е создадено за вселената, предупредува ново истражување

Во претходни истражувања веќе биле забележани негативни ефекти што престојот во вселената ги остава врз човечкото тело, на пример, губење на коскената маса.

Повеќе од 50 години луѓето престојуваат во вселената - некои само неколку минути, други (понекогаш и неочекувано) по неколку месеци. Но, научниците откриваат дека човечкото тело се однесува поинаку во услови без гравитација отколку на Земјата.

Фотографиите на астронаутите по нивното враќање најдобро го покажуваат ефектот на престојот во вселената. И самите признаваат дека им е потребно време за повторно да се навикнат на гравитацијата и да се потсетат како се оди.

Истражување спроведено на Меѓународната вселенска станица и објавено во списанието „Сел стем сел“ предупредува дека човечките матични клетки многу побрзо стареат во вселената. Ова може да претставува сериозен проблем за идни долги патувања до далечни планети.

Со помош на вештачка интелигенција која ги следела промените кај матичните клетки испратени на Меѓународната вселенска станица, научниците откриле дека тие изгубиле дел од својата способност за создавање нови клетки, станале почувствителни на оштетувања на ДНК и побрзо старееле.

- Вселената е крајниот тест за човечкото тело. Овие наоди се исклучително важни бидејќи покажуваат дека микрогравитацијата и космичкото галактичко зрачење можат да го забрзаат молекуларното стареење на крвотворните матични клетки - истакна Катрена Џејмисон, директорка на Институтот за матични клетки и професорка по медицина на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.

Научниците нагласуваат дека човечкото тело едноставно не е создадено за условите во вселената.

Иако резултатите од истражувањето нудат мрачна слика за долготрајните вселенски патувања, има и позитивни вести. Оштетувањата забележани на клетките почнале да се повлекуваат кога биле ставени во околина со младо и здраво ткиво. Ова укажува дека е можно старите клетки да се подмладат, наведуваат авторите.

Резултатите од ова истражување може да им помогнат на научниците подобро да ги заштитат астронаутите кои минуваат време во вселената, но и луѓето што стареат во нормални услови на Земјата.

Разбирањето на овие промени не само што помага во заштита на астронаутите за време на долготрајни мисии, туку и овозможува моделирање на процесот на стареење кај луѓето и за болести како ракот, тука на Земјата.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот