X
 16.10.2021 Здравје

Дали е настинка или ковид-19? Експерт ги објаснува симптомите

Земјите во северната хемисфера влегуваат во сезона на настинки и грип. Истовремено светот сè уште се бори со ковид-19, што може да има слични симптоми со грипот и настинката. Како да препознаете дали станува збор за настинка или за ковид-19?

Тим Спектор, професор по генетска епидемиологија на лондонскиот Кралски колеџ, кој работи на истражување за симптоми на ковид-19, вели дека двете болести имаат сè послични симптоми, особено кај оние што биле вакцинирани. Според него, речиси 50 отсто од луѓето со позитивен тест за ковид-19 ги немаат класичните симптоми, како кашлање или температура.


Фото: Pixabay

Од март годинава истражувањето идентификувало 21 симптом на ковид-19 на кои треба да се внимава, како кивање, болка во грлото и течење на носот, кои почесто се поврзуваат со настинката. Според истражувачите, губењето на чувството за мирис и вкус сè уште е еден од најважните знаци за ковид-19, без разлика дали сте вакцинирани или не.

Тие велат и дека се појавуваат разлики помеѓу симптомите на ковид-19 кај лицата што биле и оние што не биле вакцинирани. Најчести симптоми кај вакцинираните се течење на носот, главоболка, кивање, болка во грлото и губење на чувството за мирис. Кај невакцинираните, најчести симптоми се главоболка, течење на носот, болка во грлото, температура и постојано кашлање.


Спектор посочува дека илјадници луѓе во Обединетото Кралство секојдневно се позитивни на тестот за ковид-19 иако мислеле дека станува збор за настинка, а притоа го ширеле вирусот на други лица.

Тој ги охрабрува сите што имаат симптоми што потсетуваат на настинка да направат тест за да потврдат дека не станува збор за ковид-19. Во меѓувреме, се препорачува изолирање во случај навистина да станува збор за ковид-19.

Извор: World Economic Forum
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје