X
 16.10.2025 Живот

Оваа заедница живее без интернет, автомобили и струја и верува дека така ја чува семејната хармонија

Дали можете да си замислите живот без телевизор, мобилен телефон и интернет? Без автомобил што за неколку минути ве носи до работа или продавница? Без електрична енергија, фрижидери и светло што се пали со едно притискање на прекинувачот?

За повеќето луѓе тоа звучи како враќање во далечното минато. Но, за илјадници луѓе во Америка таквиот живот е реалност.

Амишите, затворена протестантска заедница, одлучиле да живеат едноставно убедени дека модерната технологија носи повеќе штета отколку корист, дека ги оддалечува луѓето едни од други и ги слабее семејните вредности. Наместо брзина и стрес, тие избрале мирен живот посветен на земјата, семејството и верата.

Додека светот се прашува како би издржал еден ден без интернет, Амишите со векови докажуваат дека тоа е можно.

Кои се Амишите?

Корените на оваа заедница се протегаат до бурниот 17 век, за време на протестантската реформација во Швајцарија и Германија. Следејќи ги учењата на својот водач Јакоб Аман, тие се одделиле од менонитите и формирале сопствена, строго уредена црковна заедница.

Во потрага по верска слобода и мирен живот, во 18 век масовно се иселуваат во САД, каде што го пронаоѓаат совршеното место за зачувување на своите обичаи, најмногу во Пенсилванија, Охајо и Индијана.

2

Се проценува дека денес заедницата има над 380.000 члена, а нивната популација се удвојува на секои дваесетина години. Причината е едноставна, просечното амишко семејство има по шест-седум деца, а голем дел од младите, и покрај краткиот контакт со модерниот свет, сепак избираат да останат во заедницата и да ја продолжат традицијата.

„Орднунг“ - непишаниот закон што го уредува секој аспект од животот


Од првиот ден на животот, секој Амиш живее според јасно поставени правила наречени „Орднунг“ - непишан кодекс што се пренесува од генерација на генерација. Тој уредува сè: од облеката и алатките до меѓусебните односи и односот кон Бог.

Мажите кои стапуваат во брак се должни да пуштат брада, додека мустаќите се строго забранети бидејќи потсетуваат на војска и милитаризам. Жените носат едноставни фустани во неутрални бои и бели капи, симбол на скромност и посветеност на верата.

Електричната енергија од јавната мрежа се смета за опасност за заедништвото. Превозно средство им се коњите, а нивната економија се базира на земјоделство, рачна работа и занаетчиство. Куќите ги градат заедно, без модерни машини, во духот на едноставноста и самooдржливоста.

Образование до осмо одделение

Во амишките заедници образованието завршува по осмо одделение. Децата потоа се вклучуваат во секојдневните семејни работи и учат практични вештини.
Не се охрабрува понатамошно образование - се смета дека може да ги оддалечи младите од верата и традицијата.

Наставата се одвива во мали еднособни училници, каде што една наставничка подучува ученици од различни возрасти. Освен читање, пишување и математика, се изучуваат практични вештини како земјоделство, занаети и верски вредности.

2

Религијата е неразделен дел од секојдневниот живот. На секои две недели целата заедница се собира на богослужба во приватни домови, а не во цркви. Фотографирањето е забрането бидејќи се смета дека поттикнува суета и го става поединецот над заедницата. Амишите не служат војска, одбиваат насилство и живеат во духот на мир, работа и усогласување со природата.

Брак и семејство

Во амишката култура бракот е темел на заедницата. Младите најчесто се венчаваат во раните дваесетти години, а сексуални односи пред брак се строго забранети. Не постои развод, а брак со лице надвор од заедницата значи прекин на сите врски со заедницата. Тие што ја напуштаат заедницата често губат контакт и со своите семејства, бидејќи се смета дека се „изгубени“.

Иако изгледаат како „заробени во минатото“, Амишите развиле одржлив систем на живот заснован на труд, вера и почит кон природата. На нивните фарми нема индустриски машини, храната се одгледува рачно, а мебелот и ракотворбите се ценети дури и надвор од нивните заедници.

Сепак, и тие не се имуни на предизвиците на модерното време. Економските тешкотии, здравствените дилеми и влијанието на технологијата ја тестираат нивната традиција.

Некои полиберални групи дозволуваат ограничена употреба на трактори, болничка грижа или телефони за деловни цели. Но, основните вредности остануваат исти: едноставност, одрекување и силна вера, кои го обликуваат секој аспект од нивниот живот.

Извор: Putnikfer.hr
Фотографии:  Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот