X
 16.10.2025 Живот

Психијатар објаснува зошто треба да се менува работата на секои 10 години, особено ако сте успешни

Насир Гаеми, професор по психијатрија на Медицинскиот центар „Тафтс“ во Бостон, верува дека најголемата пречка за успехот е самиот успех.

Тој вели дека луѓето што се чувствуваат премногу удобно на своето работно место може да престанат да напредуваат и со текот на времето да станат незадоволни и неисполнети.

Кога е време за промена?

Насир вели дека за да напредуваат, луѓето треба на секои десет години да направат значајна промена во својот живот, а тоа може да биде нова работа или ново хоби. Тој тврди дека таквата промена може да ги направи посреќни од претходно.

- Треба да го промените тоа што го работите или начинот на кој живеете на секои десет години - вели Гаеми, додавајќи дека временскиот распон може да варира во зависност од тоа дали некој е успешен или неуспешен во својата работа. Ако работите тргнат на полошо, вреди да се направи промена по пет години. Ако кариерата оди добро, препорачува промена по петнаесет години, но никако подолго од тоа.

- Премногу често мислиме дека треба да направиме промена само ако работите не одат добро или ако на некој начин не успеваме. Она што не го разбираме е дека треба да правиме промени дури и кога ни оди - објаснува тој.

Многу луѓе не го достигнуваат својот максимум

Како пример ја наведува својата ќерка, која се мачела при изборот на кариера затоа што на работата гледала како на нешто што ќе го прави до крајот на животот. Гаеми тврди дека никој не треба да има такво мислење. Напротив, треба да се истражуваат сите области во кои можеме да бидеме добри, а тоа подразбира и излегување од удобната зона.

Тој нагласува дека многу луѓе остануваат во одредени професии само затоа што се успешни во нив, не размислувајќи дека можеби во нешто друго би биле уште подобри.

- Голем број луѓе никогаш не го достигнуваат својот целосен потенцијал затоа што не ги истражуваат полињата во кои би можеле да блеснат - вели тој.

Извор: Nova.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот