X
 16.11.2016 Образование

Навики што ви одмагаат во учењето

Кога ќе дојде испитниот период, конечно одлучувате дека е време да ја „загреете“ столицата и да го научите материјалот, без разлика дали се работи само колку да положите или за да добиете висока оцена.

Секој си има свој метод на учење, но генерално студентите користат маркери во боја, за да го обележат тоа што е важно да се научи, други, пак, учат во друштво итн. За жал, некои од начините за совладување на материјалот воопшто не се корисни и имаат спротивен ефект.

Време е да обрнете внимание на тоа што ви штети, кога станува збор за учењето!

Учење во друштво на пријателите

Иако ова звучи како одлична идеја - бидејќи нема подобро од тоа да се соберите со пријателите/колегите, да си нарачате пица, да си направите литро кафе и заедно да стравувате од исходот на испитот - речиси секогаш завршува лошо. Тука не се мисли дека е лошо во друштво на пријателите, туку главниот проблем е што нема работна атмосфера, особено ако сте собрани повеќе луѓе.
Поентата е дека учењето во поголема група не треба да ви биде единствена навика. Секако дека е корисно вкрстеното испрашување со колегите, но понекогаш треба да се подготвувате сами.

Лежерно читање на материјалот пред испит

Постојат среќници кои со едно читање на скриптата пред испит, успеваат сè да запаметат. Но, ако забележите дека едвај поминувате на испитот применувајќи ја оваа техника, редно време е да ја промените навиката. Пожелно е сами да си направите скрипта или барем да го потцртате тоа што е најважно, бидејќи на тој начин најлесно ќе го научите материјалот.

Потпирање на означените делови

Маркерите со кои се обележуваат важните делови многу помагаат во учењето, но ако се потпирате единствено на нив со мисла дека брзо ќе научите, само се лажете себе.
Најважните делови треба да бидат потенцирани со маркер, а не целата скрипта да изгледа ишарана во различни бои, па кога ќе ја отворите да ви предизвика паничен напад. Кога веќе имате склоност да „боите“, барем дајте им значење на секоја боја, на пример, зелената да ви биде за тоа што задолжително морате да го знаете, портокаловата за дополнителни информации и сл.

Учење напамет

Повторувањето на дефинициите како рецитација, всушност, е многу лошо. Секој може нешто да научи напамет, но разликата е во тоа што тој што учи со разбирање, може и да го објасни наученото. И покрај тоа што некои професори ќе ви бараат дословни дефиниции, пожелно е да ја искорените навиката за учење напамет (доколку ја имате).
Најважно е да го разберете тоа што го учите, бидејќи откако ќе завршите факултет, треба да бидете стручњаци во областа што ја студиравте и нештата логички да ги поврзувате. Наместо „бубање“, треба да знаете материјалот што поедноставно да го објаснувате, дури и тоа што е најкомплицирано, па така ќе бидете сигурни дека навистина нешто сте научиле.     

Учење што секогаш се случува на исто место

Навиката секогаш да учите  на едно место, може да ви претставува проблем кога ќе бидете „приморани“ да го промените местото, на пример, во библиотека.
Токму поради тоа треба да го менувате просторот за учење, бидејќи е добро за мозокот да може да се прилагодува на различни средини.

Користење исклучиво на една метода за учење

Мозокот сака доследност, но само кога се работи за одредени нешта. Учењето не спаѓа во нив, и затоа мозокот подобро памети преку различни методи, независно дали самите си запишувате белешки или си правите ментални мапи. Заради тоа е добро да пробувате различни комбинации. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование