X
 25.04.2017 Живот

Што ја очекува Франција во вториот круг?

франција
Фото: АFP

Во неделата се одржа првиот круг на претседателски избори во Франција. Емануел Макрон води со 23.82% од гласовите, а позади него е Марин Ле Пен, лидерот на Националниот фронт која освои 21.58% од гласовите. На трето место се најде конзервативецот Франсоа Фијон кој освои 19.96%, левичарот Жан-Лук Меленшон освои 19.49% од гласовите, а претставникот на социјалистите Беноа Хамон освои 6% од гласовите.

Ова е првпат претставниците на двете најголеми партии, републиканците и националистите да бидат елиминирани во првиот круг. Одзивот на гласачите изнесува околу 80%. Ова се некои работи кои треба да ги знаете за овие избори.

1. Што ја очекува Франција во вториот круг?

Во вториот круг на претседателски избори кој ќе се одржи на 7 мај, ќе се соочат Ле Пен и Макрон. Поголемиот дел од аналитичарите значајна предност му даваат на Макрон. Доколку победи Макрон, тој би бил најмладиот претседател во историјата на Франција.

„Ги повикувам моите гласачи да гласаат за Емануел Макрон во вториот круг, да го победат Националниот фронт и да го блокираат нејзиниот план да ја уназади Франција и да ги подели Французите“, изјави премиерот на Франција, Бернард Казенев.

Претседателот во заминување Франсоа Оланд, му честита за досегашниот успех. Поголемиот дел од европските лидери веројатно ќе го поддржат Макрон бидејќи сите сакаат да ја избегнат француската верзија на Брегзит, односно Фрегзит која би можела да ја доведе Ле Пен - секако, доколку победи.

2. Што предвидуваат анкетите?

Анкетата од „Ipsos“ покажа дека Макрон во вториот круг ќе освои 62%, а Ле Пен 38% од гласовите. Анкетата од „Harris Interactive“ на Макрон му дава предност од 64% од гласовите, додека Ле Пен би можела да освои 36% од гласовите.

3. Како помина изборниот ден?


Во неделата вечерта во Париз, стотици антифашистички демонстранти се судрија со полицијата. Демонстрантите беа маскирани и фрлаа шишиња и петарди кон полицајците. Три лица беа уапсени. Демонстрантите од Нант пак, испратија порака дека не сакаат ниту банкари ниту расисти како лидери на нивната нација. Поради терористичките напади во Париз во 2015 година, земјата се наоѓа под зголемена безбедност, така што избирачките места беа под посебна контрола.

4. Што Макрон порача после победата?

Во неговиот победнички говор, после првиот круг, Макрон на поддржувачите им рече дека во година дена успеале да го променат лицето на француската политика.

„Сакам, за 15 дена, да станам ваш претседател. Претседател на сите граѓани на Франција, претседател на патриоти кои се соочуваат со заканите на националистите“, изјави тој.

На Французите им вети дека во политичкиот живот на земјата ќе донесе нови ликови и таленти.

5. Како реагираше Ле Пен?


Ле Пен на јавноста ѝ се обрати од Хенин-Беамонтт во северниот дел на Франција. Таа го поздрави историскиот резултат на нејзината партија.

„Време е францускиот народ да се ослободи од арогантната елита“, изјави таа.

Макрон го нарече крал на парите и нагласи дека неговата политика ќе биде штетна за француските интереси, ќе доведе до масовна имиграција и слободно движење на терористите.

6. Како ќе реагираат европските политичари?

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер му честита на Макрон и му посака среќа во вториот круг, а му честитаа и германските лидери кои се убедени дека тој ќе ја „помести“ екстремната десница во вториот круг. И Федерика Могерини се приклучи на честитките до Макрон.

Германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел на Твитер напиша: „Среќен сум што Емануел Макрон ќе стане следниот претседател на Франција“, додека портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел му посака среќа на Макрон во вториот круг.

Мартин Шулц, социјалдемократскиот кандидат кој ќе учествува на парламентарните избори во септември во Германија, против канцеларката Меркел, изрази надеж за победа на Макрон над „расистичкиот кандидат Марин Ле Пен“. Данскиот премиер Ларс Локе Расмусен во неговата порака беше внимателно оптимистичен и напиша: „Потребно е да се причека конечното гласање. Со среќа!“

7. Како светските медиуми ги коментираа резултатите?

Француските медиуми, влегувањето на двајцата кандидати во вториот круг го нарекоа „Биг Бенг кој ги уништи двете најголеми партии“, а светските медиуми и понатаму ја доживуваат Ле Пен како закана. Британскиот „Guardian“ предупредува дека заканата од екстремната десница не е отстранета додека „Financial Times“ го гледа победникот на 7 мај. Германскиот „Bild“ пишува дека победата на Макрон на Европа ќе ѝ донесе олеснување, а „Der Speigel“ победата на Макрон ја нарече „шлаканица за политичкиот естаблишмент“. Американскиот „New York Times“ зборува за судирот на два аутсајдери со радикално различни визии за земјата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот