X
 05.09.2020 Наша тема

Успешни професори на ФЕИТ, но и во спортот. Заедно со студентите трчаат маратони, возат велосипеди, планинарат, кајакарат, играат шах

Се трудам на студентите да им го пренесам концептот околу спортувањето и поуките што се учат од еден спорт на издржливост (на пр., друмскиот велосипедизам), како што се менталната цврстина, функционирање под екстремен притисок (како физички така и психолошки), здравиот начин на живот, вели доц. д-р Валентин Раковиќ, еден од спортски активните професори на ФЕИТ

Тие не се само врвни професори посветени на своите студенти, туку паралелно со академските достигнувања обрнуваат големо внимание и на физичката кондиција и спортот. Речиси третина од наставниот кадар на Факултетот за електротехника и информатички технологии се занимаваат со некој спорт, а со тоа ги мотивираат и своите студенти – заедно да трчаат маратони, штафети, а некогаш и да навиваат. Со студентите често организираат и неофицијални спортски дружби, како планинарски тури, велосипедски експедиции, излети во природа...


На Титов Врв

Во рамките на ФЕИТ од 2016 година постои и клубот „Peak2Peak“ (П2П) - неформално здружение на љубителите на спортот. Професорите велат дека за учество на секоја тура се бара: добро расположение, желба за спорт и љубов кон природата. Клубот ужива голема поддршка и од деканот, проф. д-р Димитар Ташковски, кој исто така е голем љубител на спортот и природата. ФЕИТ и материјално ги поддржува активностите на клубот - за котизации за учество, изработка на дресови, знамиња и друг репрезентативен материјал.

Екипата на ФЕИТ на Скопскиот маратон во 2019


Проф. д-р Томислав Карталов: Скопскиот маратон го завршив за 3,30 часа
 

Проф. д-р Томислав Карталов се занимава со многу спортови, индивидуални и тимски - планинарење, велосипедизам (планински и друмски), трчање (долги патеки и планинско трчање), кошарка и скијање.

- Со сите спортови се занимавам аматерски и рекреативно - толку редовно колку што ми дозволуваат професионалните и семејните обврски, но и онолку колку што ме држи желбата за одреден тип активност во одреден период. Не следам тренинг-програми и планови, со цел моето хоби да не ми се претвори во уште една обврска или репетитивна ставка во календарот, едноставно, тогаш кога можам, го правам она што ми е интересно и во кое уживам - вели Карталов.

Томислав Карталов

Професорите и студентите се редовни учесници на спортски натпревари – Скопскиот маратон, Скопје трча, Трчаме кон целта и др. Карталов има учествувано на десетина такви натпревари. За себе вели дека едно од позначајните постигнувања му е 13. место од 177 натпреварувачи на „Водно треил“, меѓународно натпреварување кое носи поени за пласман на ранг-листите на Меѓународната асоцијација за планинско трчање (ITRA). Тој го има истрчано Скопскиот маратон за 3,30 часа, што е одличен успех.


 - Би ги споменал и екипните постигнувања на штафетните трки, 5. место во машка конкуренција од 45 екипи на Скопски маратон 2017 и 6. место од 62 екипи на Бизнис ран 2017. Студентите претставуваат интегрален дел од спортувањето на ФЕИТ, особено за екипните натпреварувања како што се штафетните трки. За официјалните настани организираме квалификации преку кои ги формираме тимовите што ќе го претставуваат факултетот и досега секогаш сме имале голем одѕив од страна на студентите. Се разбира, има и студенти што не учествуваат директно во трката, а се интересираат за спортот, тие обично даваат сесрдна поддршка од гледалиштето, со навивање и со логистика – објаснува Карталов.


Вон. проф. д-р Живко Коколански: Иницијатор за промоција на спортот


Вон. проф. д-р Живко Коколански долги години активно се занимава со: трчање, велосипедизам, планинарење, скијање, шах и кајакарство. Учествувал на многу натпревари од областа на рекреативното трчање и тоа на штафетен маратон, полумаратон и 5 км трки. 


Живко Коколански


 - Како позначајни успеси можам да ги издвојам 7. место (од приближно 40 тима) во штафета на Скопскиот маратон 2017, со четиричлениот тим на ФЕИТ, 29. место (од 350 учесници) на 5 км трката – „Охрид трчат“ и 9. место на традиционалниот атлетски маратон во Охрид со должина од 5 км. Досега имаме вклучено многу студенти во различни видови спортски активности, а голем број од нив го претставувале ФЕИТ на разни натпреварувања. Лани бев иницијатор за промоција на рекреативното трчање и активирање на спортски неактивни натпреварувачи (студенти и академски кадар на ФЕИТ) на 5 км трка на настанот „Визер Скопски маратон 2019“. По тој повод формирав тим од 12 натпреварувачи кои заедно ја започнаа и ја завршија трката на 5 км, а натпреварувачите продолжија активно да се занимаваат со спорт до ден-денес. Подготовките траеја 3 месеци и беа исполнети со многу заеднички тренинзи и дружби. Покрај промоцијата на спортот, основна цел на иницијативата беше и стекнување здрави животни навики и здраво спортување. Во таа насока подготвив водич со програма за здраво тренирање и спортување, техника на трчање, исхрана и препораки за напор при спортувањето од Светската здравствена организација - вели Коколански. 


Посветени на шахот

Коколански е еден од главните организатори на интерниот шаховски клуб формиран од наставен кадар на ФЕИТ и голем број студенти. По повод 60 години ФЕИТ, тој организирал шаховски натпревар, кој го поддржа и Шаховската федерација на Македонија. 

- Исто така, во 2019 година бев капитен на студентскиот тим кој учествуваше на јубилејниот шаховски натпревар на Земјоделскиот факултет, на кој освоивме 3. и 4. место. Во моментот сум селектор и капитен на тимот кој го претставува ФЕИТ во Универзитетската лига во шах - вели Коколански. 



Доц. д-р Томислав Шуминоски: Заедно планинариме со колегите


Доц. д-р Томислав Шуминоски се занимава со пливање, планинарење и трчање. Учествувал на неколку натпреварувања – на Скопскиот маратон (2017, 2018 и 2019), како учесник во машката штафета за ФЕИТ, најголем успех е екипно 5. место (2017 година), а воедно индивидуално учество на Скопје ран 10 км (2019 година).
Како лидер на штафетата за машки на ФЕИТ, обично ги мотивира и организира студентите и колегите да учествуваат на маратоните и на другите натпревари во трчање, а секогаш е опција да ги бодрат, вели Шуминоски.

Доц. д-р Томислав Шуминоски (лево) заедно со колегите на планинарење


- Што се однесува до планинарењето, доста од студентите се заинтересирани, па често планинариме заедно и на повисоки и на пониски планини, секако, кога има можност и кога тие немаат испити или колоквиуми. Главната цел на нашиот клуб е спортската дружба и поминати пријатни моменти во природа. Клубот е неформален и зачленувањето е само духовно за љубителите на спортот на ФЕИТ - објаснува Шуминоски.


Доц. д-р Маре Србиновска, вонреден професор и претседател на „Peak 2Peak“: 


Нема дилема дека на ФЕИТ студираат и работат колеги кои посветуваат посебно внимание на здравиот живот, учествуваат на многу спортски манифестации на кои лично се докажуваат, но и со гордост го претставуваат факултетот и придонесуваат за зголемување на неговото реноме, вели доц. д-р Маре Србиновска.

Вон. професор Маре Србиновска

- Лани на Скопскиот маратон ФЕИТ имаше најмногубројна екипа. Три екипи на ФЕИТ (две машки и една женска), заедно со поединците доц. д-р Томислав Карталов (маратон), Ана Черепналковска (полумаратон), Петар Турмаковски (полумаратон) во најдобро светло го претставија факултетот. Женската штафетна екипа - доц. д-р Маре Србиновска, Ања Крстевска, Ирина Ивановска и Александра Златкова - го освои третото место, во конкуренција од 20 екипи. Машката штафетна екипа (во состав доц. д-р Томислав Шуминоски, Ѓорѓи Сиракоски, Виктор Андоновиќ и Јован Костовски) го освои 7., додека втората штафетна екипа составена од Георги Камчевски, Стефан Петрушевски, Благој Арсовски и Дарко Колоски го освои 14. место, во конкуренција од 55 екипи - вели проф. Србиновска.


Вон. проф. Маре Србиновска

- И оваа година друштвото за спортски активности беше извонредно активно, во рамките на државата, но и надвор од неа. Во повеќето дисциплини што ги покрива друштвото: планинарење, трчање, велосипедизам беа реализирани неколку планинарски тури, велотури, како и индивидуални активности - додава професорката. 


Проф. д-р Владимир Атанасовски, продекан за финансии и соработка со стопанството:


Продеканот за финансии и соработка со стопанството, проф. д-р Владимир Атанасовски, се занимава со друмски велосипедизам. Со велосипедот се дружи само рекреативно и досега не учествувал на натпревари.

Проф. д-р Владимир Атанасовски

- За мене велосипедот е рекреација и единствениот со кој се натпреварувам сум самиот јас. Секое подобрување на сопственото време во одреден сегмент, побрзо искачување на некоја планина, побрзо извозување на одредена тура и слично е личен успех и голема сатисфакција. Особено што со подобрување на формата, противникот (самиот јас) станува сѐ потежок за победување. Знам дека сѐ повеќе луѓе возат друмски велосипед и многу ми е мило за тоа. Понекогаш се случува на некоја тура да возам и со некој бивш студент. Претпоставувам дека и дел од тековните студенти знаат за мојата пасија, па доколку некој се измотивирал поради мене да почне да вози друмски велосипед, тогаш тоа би ми било посебно драго - вели Атанасовски.


Доц. д-р Валентин Раковиќ: Се трудам на студентите да им ги пренесам придобивките од спортот

И професорот Валентин Раковиќ се занимава со друмски велосипедизам, односно возење по асфалтни патеки. Генерално, не постојат многу натпревари од аматерски калибар во Македонија, кога станува збор за друмскиот велосипедизам, вели тој.

- Натпреварувањата што се организираат се од полупрофесионален/професионален карактер. Но, често тренинг-возењата ги организираме заедно во поголеми групи, со велосипедисти кои активно се натпреваруваат во овој спорт - вели Раковиќ.



Доц. д-р Валентин Раковиќ


Тој вели дека концептот околу спортувањето и поуките што се добиваат од еден спорт на издржливост (на пр., друмскиот велосипедизам), како што се менталната цврстина, функционирање под екстремен притисок (како физички така и психолошки), здравиот начин на живот, се труди да им ги пренесе на дел од студентите со кои има поблиска соработка.

- Сепак, тоа се, според мене, животни девизи кои треба да ги поседува секоја индивидуа што се стреми кон висока професионалност, без разлика на дејноста и областа во која работи - вели проф. Раковиќ.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема