X
 04.07.2017 Култура

Трамп и Путин - средба што ќе го формира светот

средба
Фото: AFP

Оваа недела ќе се случи една од најочекуваните средби меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин. На самитот Г-20 во Германија, кој ќе се одржи на 7 и 8 јули, Трамп ќе се сретне со човекот за кого американските разузнавачки агенции веруваат дека наредил мешање во изборниот процес, со што му помогнал да дојде на власт.

Во изминатите 4 години Трамп главно имаше пофални зборови за Путин, додека повеќето Американци го сметаат за непријател. Нивната средба внимателно ќе ја следи целиот свет, а со оглед на карактерите на двајцата лидери, истата може да биде многу интересна.

Како би изгледала средбата најдобро опиша Дерек Колет, поранешен соработник на Обама. „Очекувам олимписко ниво на мачизам помеѓу двајцата лидери“, изјави тој.

Трамп е под екстремен политички притисок поради проблемите за наводно руско мешање во претседателските избори. Исто така, тој мора да избегне каква било импровизирана интеракција со Путин што би им дала повод на неговите противници да го поврзат со рускиот претседател уште посилно. Особено сега, кога се води истрага.

Но, ако се стави настрана целата оваа приказна околу руското мешање во американските избори, средбата меѓу Путин и Трамп е клучна за иднината на Европа и на Блискиот Исток. Прашањето за американските санкции против Русија поради анексијата на Крим, иднината на Сирија, подготвеноста на Америка да остане под покровителство на НАТО - сите овие теми се важни и на нив и двајцата лидери имаат што да кажат.

Кој е во подобра позиција?

Трамп дефинитивно е во потешка позиција. Има ограничен простор за маневрирање на надворешната политика. Во меѓувреме, Путин ја зајакна својата позиција и ја наметна Русија како главна светска сила. Но, двајцата лидери пред себе имаат тешка задача и мораат да ги запрат тензиите меѓу двете земји, а тие се единствените што можат да го направат тоа.

Прашањето што се наметнува е дали е возможно? Трамп повеќе пати повика на подобрување на односите со Русија, но тој не е првиот американски претседател што се надева на вакво нешто. На ова сметале и неговите претходници Џорџ Буш и Барак Обама, но со текот на времето од сето тоа останал само нереализиран план.

За американските набљудувачи, големото прашање е дали Трамп ќе го искористи состанокот за да се пожали на руското мешање во американските избори. Советниците на Трамп тврдат дека нема специфична агенда за состанокот, така што лидерите ќе разговараат за што сакаат. Не е познато дали по средбата претседателите ќе се појават заедно пред камерите.

Она што може да го обесхрабри Путин во врска со ширењето на влијанието на Русија е американскиот став кон НАТО-сојузот. Ако Трамп јасно даде до знаење дека Америка ќе остане дел од НАТО и дека сојузниците се усогласени во борбата за нивните цели, тоа би можело да го приземји Путин. Прашање од клучно значење е и конфликтот во Украина.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура