X
 13.09.2017 Живот

За да ги осамостои своите деца, ќе ја тужи власта

Ејдриен Крук од Ванкувер, Канада, води битка против министерството за деца и семеен развој кое на неговите деца им забранило самостојно да го користат градскиот транспорт додека не наполнат 10 години.


фотоизвор: Adrian Crook / The Canadian Press

Пред 2 години Ејдриен почнал да ги навикнува своите 4 постари деца од 7, 8, 9 и 11 години да патуваат со автобус во училиште. Желбата му била да ги направи посамостојни, но и побезбедни, бидејќи возењето со автобус е статистички помалку опасно од возењето со автомобили. Исто така, користењето на јавниот транспорт е далеку подобро за животната средина, па затоа сакал да им ја развие и еколошката свест.

Цела година овој посветен татко се возел заедно со своите деца и потоа почнал да ги пушта дел од патот да го поминуваат сами, па по една и пол година целиот пат до училиштето да го поминуваат сами. Но, во август годинава министерството за деца и семеен развој реагирало врз основа на анонимна пријава и по истрагата, која траела 2 месеца, донело одлука дека децата не смеат повеќе да се возат без надзор на возрасно лице. Поточно, дека децата до десеттата година не смеат да бидат сами ниту дома, ниту на улица, ниту во јавниот транспорт.

Ејдриен смета дека министерството ја донело оваа одлука врз основа на стравови, а не на факти.

Статистиката покажува дека автобусот е 24 пати побезбеден од другите превозни средства, вклучувајќи го и автомобилот – најчестата причина за смртност кај децата од 5 до 14 години. Освен тоа, регионот во кој живее семејството, според стапката на криминал, е побезбедно од повеќето места.

Во моментов, овој татко собира пари за правна битка за да се избори за нормално детство на своите и другите деца, односно да не им биде скратена можноста да ја изградат својата самостојност.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот